Од коалицијата ВРЕДИ ја обвинија ДУИ дека е во паника и дека се обидува да го политизира процесот за решавање на прашањето со имињата на улиците и плоштадите во Тетово.
Според ВРЕДИ, последното соопштение на ДУИ покажува дека партијата стравува од можни избори во Тетово и се обидува да создаде тензии околу прашање кое, како што велат, конечно се решава институционално.
„Граѓаните знаат дека проблемот со имињата на улиците и плоштадите не го создаде ВРЕДИ, туку е наследство од неодговорноста на ДУИ. Наместо да ја прифатат вината за своите пропусти, тие избираат да поттикнуваат тензии и да шират дезинформации“, соопшти ВРЕДИ.
Од коалицијата велат дека остануваат посветени на законско и институционално решавање на прашањето, во интерес на жителите на Тетово.
„Додека ДУИ се занимава со протести и пропаганда, ние се занимаваме со конкретни решенија и спроведување проекти што му се потребни на Тетово“, наведуваат од ВРЕДИ.
Од партијата порачаа дека, според нив, времето на политички манипулации завршило и дека градот има потреба од работа, одговорност и резултати.
„Тие се обидоа да протестираат и за правосудниот испит, но не само тоа, туку и 50 други испити ние ги регулираме. Тие протестираат за имиња, ние ги регулираме и овие. Да не протестираат и за внатрепартиски проблеми, бидејќи и тие ќе ги регулираме“, се наведува во реакцијата на ВРЕДИ.
