-Овој е историски момент за конзуларната пракса во оваа амбасада. Нашите граѓани кои живеат и работат во Англија, Шкотска, Велс или Северна Ирска од сега можат да ги обноват своите пасоши на многу поедноставен, поефикасен и побрз начин. Ме радува што првичните впечатоци и реакции од сите кои ја посетија амбасадата изминативе четири недели се позитивни. Тој е најсилниот мотив и предизвик за тимот на амбасадата да продолжи и натаму да биде ефикасна служба во корист на граѓаните, изјави македонската амбасадорка во Лондон, Александра Миовска.
Од МНР информираат дека целта на проектот за воспоставување базни и мобилни станици во македонските дипломатски и конзуларни претставништва е исполнување на потребите на дијаспората, која со години наназад се жали за споро издавање на патни исправи.
–Подобрувањето на услугите на нашите ДКП-а за дијаспората е висок приоритет на МНР, чија интенција е следниот период овој значителен проект да се прошири со поголем број ДКП-а, се вели во соопштението.
Претходно, постапката на стекнување со нова патна исправа за македонската дијаспора во Обединетото Кралство траеше четири до шест месеци.