Во тек е опремувањето на 265 кабинети по природни науки во училиштата во земјава, со што тие добиваат современи кабинет по физика, хемија, биологија и географија, информираат од Министерството за образование и наука.
Новиот концепт на основно образование, се вели во соопштението од МОН, предвидува при изучувањето на природните науки, учениците не само да се запознават со фактите, концептите и теоријата, туку подеднакво да развиваат вештини за истражување, но и практична проверка на сознанија и изведување на експерименти, користење на лабораториски материјали и изведување мерења, а се ова е овозможено со модернизацијата на постоечките и инвестирањето во нови кабинети за природни науки.
– За Министерството за образование и наука посебно е важно да обезбеди услови за учење преку истражување, со цел да овозможи развој на љубопитност, систематичност и иновативност кај учениците, од најрана возраст, како клучни за развивање на научноистражувачката мисла. На среден рок, инвестициите во образованието ќе ја подобрат оспособеноста и подготвеноста на учениците во природните науки а резултатите ќе бидат видливи на меѓународни тестирања каде се мери писменоста во природните науки и примената на наученото во реални животни ситуации, се вели во соопштението од МОН.
Голема поддршка за опремување на училишните кабинети МОН, се вели во соопштението, добива од Светска банка, во рамки на Проектот за унапредување на основното образование.