Москва не прифаќа продолжување на примирјето
Русија го одби предлогот на Украина за продолжување на тридневниот прекин на огнот на 30 дена. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека за таков чекор е потребно да се разјаснат низа суштински прашања. Според него, без тие појаснувања, не може да се постигне долгорочен договор.
Москва не прифаќа предлози кои не ги адресираат поставените безбедносни услови, нагласи Песков, додавајќи дека тоа е ставот на претседателот Владимир Путин.
Поставени услови без отстапки
Рускиот претседател уште во март објави дека евентуално примирје мора да вклучи забрана Украина да го користи прекинот за прегрупирање на своите сили и прием на западно оружје. За возврат, не беа понудени никакви отстапки од руската страна.
Примирје во периодот на Парадата на победата
На 9 мај Русија ќе ја одржи традиционалната Парада на победата. Во тој контекст, Путин најави едностран прекин на огнот од 8 до 11 мај. Песков го нарече овој потег „гест на добра волја“, додека Зеленски го оцени како обид за политичка манипулација. Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе биде меѓу гостите на настанот во Москва.
Извор: а1он