Обидот преку седумдневен прекин на огнот да се обнови пловидбата низ Ормускиот Теснец и да продолжат нуклеарните преговори меѓу Вашингтон и Техеран засега не дал резултат. Американскиот претседател Доналд Трамп го одбил предлогот и планира да продолжи со воздушните напади по конгресните избори во ноември, објавија американските медиуми.
Набргу по објавувањето на информацијата, Трамп на социјалните мрежи објави фотографија од Ормускиот Теснец, кој на мапата го означил како „Теснец на Трамп“.
Според „Волстрит журнал“, предлогот предвидувал повторно отворање на Ормускиот Теснец и продолжување на разговорите за иранската нуклеарна програма. За возврат, САД требало да ја укинат блокадата на иранските пристаништа.
Иранските власти соопштија дека предлогот бил доставен до Вашингтон преку катарски посредници. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека договорот би овозможил теснецот да биде отворен во рок од седум дена и да престанат регионалните конфликти.
Според Арагчи, планот опфаќа прекин на борбите на сите фронтови, вклучително и во Либан. Техеран бара и укинување на блокадата на пристаништата, одмрзнување на иранскиот имот и повлекување на санкциите за извоз на нафта.
Арагчи во петокот во Обединетите нации изјави дека, доколку Вашингтон го прифати предлогот, би можеле да почнат пошироки преговори за прашањата за кои двете страни ќе постигнат согласност.
Предлогот предвидува и можност за разговори за иранската нуклеарна програма. Висок ирански претставник, сепак, изјави дека Техеран нема да прифати отстапки во однос на збогатувањето ураниум ниту изнесување на високо збогатениот ураниум од земјата.
Американски претставник претходно ги опишал разговорите преку посредници како позитивни и конструктивни. Според „Волстрит журнал“, Трамп се сомневал дека Иран ќе ги исполни барањата на Вашингтон и на своите соработници наводно им кажал дека продолжувањето на бомбардирањето е поверојатно.
Во меѓувреме продолжуваат и судирите во регионот. Иран и неговите сојузници напаѓаат американски сојузници во Заливот, додека јеменските Хути, кои имаат поддршка од Техеран, извршуваат напади врз цели во Саудиска Арабија.
Саудиските власти во саботата соопштија дека пресретнале два беспилотни летала насочени кон Ријад и балистичка ракета истрелана кон градот Хамис Мушаит.
Конфликтот сериозно се одразува и врз транспортот на нафта. Пловидбата низ Ормускиот Теснец и натаму е во голема мера прекината, а алтернативната маршрута преку Црвеното Море е дополнително загрозена од нападите.
Обединетите нации предупредија и на нова хуманитарна криза во Јемен, каде што се зголемува акутната неухранетост кај децата.
