Американската AAFS планира дата-центар од 100 мегавати во Мостар, како дел од поширока инвестициска офанзива во БиХ. Србија, Албанија, Црна Гора и Бугарија веќе развиваат сопствена инфраструктура во оваа индустрија.
Американска компанија планира да вложи околу 530 милиони евра во дата-центар во Мостар. Центарот би имал моќност од 100 мегавати и би бил еден од најголемите проекти од ваков вид во Босна и Херцеговина.
Зад проектот стои AAFS Infrastructure and Energy. Компанијата ја проширува инвестициската офанзива во БиХ, чија вкупна вредност би надминала две милијарди евра, пишува Блумберг Адриа.
Плановите опфаќаат гасоводи, 3 гасни електрани и модернизација на аеродромите во Сараево и во Мостар.
Компанијата е основана пред една година. Меѓу основачите се Џеси Бинал, поранешен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, и Џозеф Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, објавил „Блумберг“.
Сто мегавати за Мостар
Планираниот дата-центар би имал моќност од 100 мегавати. Проектот предвидува и изградба на придружна инфраструктура.
AAFS планира парите да ги обезбеди преку американски развојни институции и меѓународни фондови.
Босна и Херцеговина веќе има 3 помали дата-центри. Новиот проект би ја ставил земјата во сосема друга категорија.
Балканот влегува во трката
Дата-центрите веќе стануваат голема инфраструктурна тема низ регионот.
Србија има развиено својот Државен дата-центар во Крагуевац, чиј капацитет во април 2026 година беше зголемен на 14 мегавати со пуштање во употреба на нови модули и втор суперкомпјутер.
Албанија развива проект кој треба да се зголеми од почетни 32 до 100 мегавати.
Црна Гора има комерцијални центри и планира државен дата-центар.
Бугарија потпиша меморандум со германскиот инвеститор Brinell Compute пза почеток на градба на масивен дата-центар за вештачка интелигенција во индустриската зона Раковски кај Пловдив на простор од дури 809 хектари, чија прва фаза стартува наесен 2026 година.
Извор: Плусинфо
