По години застој продолжуваат градежните активности

Мостот што треба да ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“ влегува во завршна фаза и наскоро се очекува да биде ставен во функција, информира градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

„Зборот е збор – мостот на „Љубљанска“ конечно ќе биде ставен во функција!“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека реализацијата на проектот продолжува по долг период на застој.

„Денес, со особено задоволство можам да информирам дека по години застој, продолжува финалната фаза од реализацијата на проектот за поврзување на улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“, со што овој важен мост на реката Вардар конечно ќе биде ставен во функција на скопјани“, истакна тој.

Ново сообраќајно поврзување на булеварите

Според него, станува збор за значаен инфраструктурен проект кој треба да го подобри сообраќајот во градот.

„Ова е проект од огромно значење за градот!“, наведува Ѓорѓиевски.

Со завршувањето на мостот, како што додава, ќе се воспостави нова врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје.

„Со неговото завршување, Скопје добива нова, современа и функционална сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на градот, која ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, но и значително ќе ги растовари булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, посочи градоначалникот.

Тој нагласи дека ќе се овозможи побрзо и побезбедно движење.

„Со ова решение, граѓаните ќе добијат побрз, побезбеден и поефикасен излез кон обиколницата, а сообраќајот во овој дел од градот ќе се одвива многу полесно и поорганизирано“, додаде Ѓорѓиевски.

Обезбедена дозвола, најавени дополнителни решенија

Проектот претходно бил стопиран поради административни процедури.

„Проектот, во минатото беше стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар, со цел целосна заштита на локалитетот „Скупи“. Но, со сериозна работа, одговорен пристап и силна волја, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет“, наведе тој.

Ѓорѓиевски информираше дека паралелно ќе се работи и на дополнителни сообраќајни решенија.

„Паралелно со изградбата, се предвидува и современо сообраќајно решение за влезот во селото, преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно реалните потреби на теренот“, истакна тој.

Според него, целта е намалување на метежот и зголемување на безбедноста.

„Со ова, ќе има помал метеж, поголема безбедност, подобар проток за возила и пешаци и целосна заштита на културното наследство кај Скупи“, додаде градоначалникот.

Тој нагласи дека инфраструктурата останува еден од клучните приоритети.

„Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што тоа директно значи подобар квалитет на живот за секој граѓанин. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град“, посочи Ѓорѓиевски.