Еден од четирите товарни авиони што вчера се наоѓале на аеродромот во Лајпциг, во чија близина бил пронајден дрон со експлозивна направа, наводно бил натоварен со муниција наменета за Украина. Германските медиуми, повикувајќи се на доверливи полициски документи, објавија дека токму тој авион можел да биде цел на неуспешен напад.

Аеродромот во Лајпциг, кој се наоѓа во источниот дел на Германија, претставува еден од клучните логистички центри за транспорт на оружје и воена опрема кон Украина.

Дронот со експлозивна направа бил откриен завчеравечер од вработен во воениот карго-дел на аеродромот. Германските власти засега не соопштуваат детали за потеклото на уредот, но министерот за внатрешни работи, Александар Добриндт, изјави дека постојат индиции оти зад инцидентот може да стои странска сила.

– Зборуваме за сценарио за хибриден напад. Ова не е дело на аматери, туку бара високо ниво на техничко знаење – изјави Добриндт.

Покрај улогата како логистички центар за воени пратки, аеродромот во Лајпциг е и главен воздушен центар на DHL во Германија. Тој воедно е еден од ретките германски аеродроми на кои е дозволен сообраќај 24 часа дневно.

Инцидентот не е прв од ваков тип на овој аеродром. Во јули 2024 година, во центарот за претовар на DHL на истиот аеродром експлодираше пакет кој требало со авион да биде испратен кон Полска.

По тој случај, германските власти отворија истрага за можен саботажен напад.