Македонското здравство се подготвува за историски медицински чекор и воведување на револуционерни методи за лекување на над 32.000 македонски граѓани кои се борат со Паркинсонова болест и Алцхајмер, преку примена на длабока мозочна стимулација (DBS) и нови биолошки антиамилоидни терапии.

На високиот научен панел „Паркинсонова и Алцхајмерска болест: подобар третман за подобар живот“ одржан во Скопје, тоа го потврдија водечки невролози и неврохирурзи од Клиничкиот центар во Љубљана и скопските клиники. Професорите од Словенија, каде што оваа метода успешно се изведува повеќе од 15 години, истакнаа дека зафатот за вградување електроди во мозокот практично ги враќа пациентите во животна кондиција од пред цели 10 години, враќајќи им ја способноста за самостоен живот.

„Многу е важно знаењето и здравјето да останат во Македонија. Пациентите сега масовно одат во Турција, но по операцијата нема кој да ги води овде, бидејќи титрирањето и подесувањето на стимулацијата трае и до една година. Кадар и научен потенцијал имаме, а процесот на обука може да се совлада за најмногу шест месеци до една година“, порача Георгиев.

Клековски и директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, потврдија дека Министерството и клиниките интензивно формираат мултидисциплинарни тимови за оваа методологија да почне со реализација кај нас. План е уште во 2027 година да се оперира првиот пациент во Скопје, со што ќе се прекине скапото испраќање пациенти во странство и конечно ќе им се даде достоинствена нега и нов живот на илјадници семејства.