Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да отвори постапка и да утврди повреда на член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација по јавните изјави на Петар Богојески, претседател на политичката партија Македонски концепт, побара невладиниот сектор преку Мрежата за заштита од дискриминација, откако тој во медиумско гостување изнесе ставови за воведување „машки надзор“ врз жените.
Организацијата упати повик и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги темелно да ја испита емитуваната емисија и постапките на телевизијата согласно стандардите и прописите за спречување поттикнување насилство и дискриминација врз која било основа.
Паралелно со ова, упатено е официјално барање и до Воената академија, каде што Богојески остварува наставен ангажман како професор, јавно да го соопшти сопствениот институционален став за тоа колку ваквите изјави соодветствуваат со етичките и академските вредности на образовната установа.
„Најостро ги осудуваме јавните изјави на Петар Богојески, претседател на политичката партија Македонски концепт, дел од владејачката коалиција, кој во телевизиско гостување на национална телевизија промовираше ставови за ‘машки надзор’ врз жените и го релативизираше насилството во брачните односи. Ниту еден маж нема право да врши ‘надзор’ врз жената. Ниту бракот, ниту неверството, ниту повикувањето на традиционални вредности не можат да бидат оправдување за контрола, закани, понижување или насилство врз жените“, се наведува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.
Во соопштението се посочува дека јавниот статус на универзитетски предавач и политички водач носи посебна одговорност во општеството.
„Кога јавна личност, универзитетски професор и лидер на политичка партија ја претставува контролата врз жените како машка обврска, тоа не е безопасна изјава. Тоа е порака што може да ги охрабри насилниците, да ги обесхрабри жртвите да побараат помош и да ги зајакне стереотипите според кои жените треба да бидат потчинети“, потенцираат од организацијата.
Активистите предупредуваат дека ваквите ставови се јавуваат во период кога се прават крупни ретроградни чекори во образовниот систем.
Во таа насока се наведува дека неодамна Министерството за образование и наука ја измени програмата за сеопфатно сексуално образование со отстранување на терминологијата и концептите поврзани со родот, еднаквоста и критичкото разбирање на социјалните односи и моќта меѓу половите.
„Дали ставовите што Богојески ги промовира на телевизија се истите ставови што образовниот систем повеќе нема доволно јасно да ги учи децата да ги препознаат како штетни? Ако девојчињата не учат дека контролата врз нивното однесување не е љубов, грижа или право на партнерот, како ќе препознаат психолошко насилство? Ако момчињата не учат критички да ги преиспитуваат стереотипите за машката доминација, кој ќе им објасни дека достоинството на мажот не се брани преку контролирање на жената или употреба на физичка сила“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
