Македонската православна црква – Охридска Архиепископија го проширува бизнис планот со електрична енергија, откако како содружник ја основа „Тринити Солар“, фирма која ќе треба во иднина да поседува фотонапонска централа, пишува фактор.мк
Бизнисот е основан минатата недела, а соларните панели, според замислата, треба да се инсталираат во долината на охридското село Долно Лакочереј. Вториот сопственик е извесен Ангеле Јаневски од скопски Центар, додека управител е Никола Христоски, име кое алудира на секретарот на Дебарско кичевската епархија.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој наедно е портпарол на МПЦ-ОА, ја потврди информацијата за порталот „Фактор“, но вели дека планот се уште не е влезен во сериозна фаза. Моќноста и површината на централата ќе зависат од расположливата сума која ќе може да се издвои.
– Не е забрането, ниту е чудно тоа што МПЦ-ОА сака да инвестира. А во проектот има и други партнери. За тоа колкаво ќе биде производството на електрична енергија, зависи од тоа колкави средства ќе можеме да издвоиме, вели Тимотеј.
Пред година и пол МПЦ се вклучи во бизнисот со струја со план за изградба на мала хидроцентрала во кој покрај МПЦ се вклучени уште четири други партнери.
Станува збор за ХЕЦ Драгов Дол на реката Треска. Владата претходно одобри трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на централа на вкупна површина од 651 квадратни метри.
МПЦ – ОА низ годините носеше повеќе бизнис одлуки, вклучувајќи ја и онаа за изградбата на станбено-деловниот објект планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“ како содружник во фирмата „Обновители“.
Основањето на „Тринити Солар“ доаѓа во период кога Соборот на СПЦ ја разгледува одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на автономна Охридска архиепископија, пишува порталот.