„Надворешната политика и геополитиката на државата“ – обраќање на Унгарската дипломатска академија.
Во моето обраќање пред студентите и колегите – дипломати на Унгарската дипломатска академија, се осврнав на долготрајниот и посветен процес на пристапување на нашата држава во Европската Унија, истакнувајќи ги бројните и значајни отстапки што македонското општество ги направи на овој пат, каде е неопходна поголема предвидливост.
Нагласив дека сме свесни за областите каде се потребни дополнителни реформи и подобрување на состојбите, но и дека нашиот пристапен процес ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги. Истовремено предупредив дека постои ризик од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ фактори.
Зборував и за одличните пријателски односи со Унгарија, истакнувајќи дека во претстојниот период очекуваме поголема динамика во соработката, благодарение на заложбите на премиерите за воспоставување стратешка релација помеѓу двете земји.