Ако треба да ја сумирам надворешната политика во изминатите две години, тоа би било во три збора, а тие се: достоинство, резултати и визија – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.
– Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена – истакна Муцунски пред пратениците.
Министерот посочи дека владите и партиските состави се менуваат, но дека државата, граѓаните и националниот интерес останува и затоа надворешната политика мора да биде простор на национално единство, а не арена за партиски поени.
– Повикувам на одговорна дебата и на критика кога е потребна. Но повикувам и на консензус кога се брани државата. Нашата задача е Македонија да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја. Земја што не чека другите да ја дефинираат – туку самата ја пишува својата приказна. Земја што ги штити своите граѓани, ги почитува своите обврски и знае да ги брани своите интереси – рече Муцунски.
Во своето експозе тој истакна дека малите држави како нашата не може да си дозволат луксуз на хаос дома кога настапуваат пред светот.
– Кога нè слушаат во Брисел, во Вашингтон, во Атина или Софија – мораме да говориме со еден глас за најважните прашања. Не за сите. Но за оние оние што ја определуваат судбината на државата немаме луксуз за конфликт – рече Муцунски.
Периодот 2024 – 2026 година, како што рече, го обележа важна трансформација на нашата дипломатија. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија Министерството доби нова улога – и нова одговорност и денес тоа не е само институција за политичка комуникација со странство, туку, вели, центар за координација на меѓународниот настап на државата: политички, економски, трговски, инвестициски и развоен.
– Затоа што современата дипломатија не се мери со бројот на средби, туку со тоа дали тие средби носат инвестиции, работни места, енергетска сигурност, нови пазари и поголем углед. Дипломатијата мора да отвора врати за македонските компании, да гради партнерства за инфраструктура, да привлекува технологии и да ја позиционира земјата онаму каде што се носат одлуките – рече Муцунски.
Министерот потенцира дека европската интеграција останува централната оска на нашата надворешна политика, но дека нашиот пристап е јасен: Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку дека таа мора да биде процес што носи конкретни придобивки за граѓаните – уште денес.
– Во изминатиот период водевме интензивен политички дијалог со институциите на ЕУ и со земјите членки. Со јасна цел – да ја објасниме нашата позиција, да ја афирмираме реформската агенда и да побараме фер, предвидлив и меритократски пристап кон нашето пристапување. Нашата порака е принципиелна: сакаме да напредуваме врз основа на резултати, а не врз основа на политички условувања, кои се менуваат од година на година. Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда – рече Муцунски.
Во тој контекст, посочи тој, завршувањето на клучните документи, патоказите и акцискиот план за малцинства претставува важен чекор кон отворањето на Кластерот 1. Работевме на постепена интеграција во политиките на Унијата, на искористување на планот за раст за Западен Балкан и на приближување кон единствениот пазар.
– Еден конкретен пример: приклучувањето кон СЕПА – Единствената област за плаќање во евра. Можеби звучи технички. Но за граѓаните и компаниите значи поевтини, побрзи и поедноставни трансакции со цела Европа. Тоа е европската интеграција онаква каква треба да биде – не апстрактна фраза, туку реална, опиплива корист – рече тој.
Особено го истакна партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ. – По потпишувањето во ноември 2024, во 2025 го одржавме и првиот дијалог за безбедност и одбрана. Тоа е суштински исчекор. Државата повеќе не е само кандидат кој чека. Таа е партнер што придонесува – рече Муцунски.
Паралелно, како што рече, продолживме со 100 % усогласеност со зсаедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. – И не случајно – надворешната политика останува една од највисоко оценетите области во извештаите на Европската комисија. Тоа е признание за нашата геополитичка јасност и за нашата способност да бидеме кредибилен европски партнер – рече министерот за надворешни работи.
Истовремено, посочи тој, склучивме два значајни договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, договор за стратешка соработка со Унгарија, а набргу се очекува склучување ваков договор и со Хрватска. Во однос на договорот со Хрватска, најави дека набргу ќе патува во Загреб на разговори за договорот со нив, како и дека се очекува премиерот на оваа земја да дојде во посета на нашата земја и да биде потпишан овој стратешки договор.
Во однос на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, рече дека средбите со американската администрација, вклучително и со државниот секретар Марко Рубио, ја потврдија заемната определба за реактивирање и продлабочување на стратешкиот дијалог.
– Одржувањето на неговата втора сесија на 7 април 2026 во Вашингтон беше значаен политички момент. Станавме прва европска држава, која реализира ваков дијалог во рамките на мандатот на актуелната администрација. Но уште поважно – отворивме конкретни можности: во енергетиката, инвестициите, дигиталната инфраструктура, кибербезбедноста и трговијата – рече Муцунски.
