Разговор за унапредување на билатералната соработка и евроинтеграција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево во Париз се сретна со францускиот министер делегиран за Европа, Бенџамин Адад. На средбата, двајцата министри разговарале за натамошно унапредување на билатералните односи, продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво, со посебен фокус на економската соработка.

„Попладнево, во рамки на работната посета на Франција, остварив средба со министерот делегиран за Европа, Бенџамин Адад. Нагласив дека европската интеграција е приоритет на Владата, која е силно посветена на спроведувањето на Реформската агенда. Воедно истакнав дека, заедно со Планот за раст, тие претставуваат клучни процеси за напредокот на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија“, објави Муцунски на својот Фејсбук профил.

Тој истакна дека двата министри се согласиле дека процесот на евроинтеграција треба да се забрза и да се заснова на мерит-систем.

„Ја нагласивме и нашата улога како фактор на безбедност и стабилност во регионот, а стана збор и за актуелни регионални, европски и глобални прашања“, додаде Муцунски.

Средбата е дел од активностите на Министерството за надворешни работи за зајакнување на економската и политичката соработка со земјите членки на ЕУ, особено со Франција како стратешки партнер на Македонија.