Потврден интересот за продлабочување на билатералната соработка

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски соопшти дека во рамки на посетата на Република Турција, како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, оствариле средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Според Муцунски, на средбата бил потврден заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави.

„Турција останува еден од нашите најзначајни политички и економски партнери. На средбата го потврдивме заедничкиот интерес за натамошно продлабочување на билатералната соработка и унапредување на економските и трговските односи“, напиша Муцунски.

Инвестиции, економија и регионални предизвици

Тој посочи дека се разговарало за нови можности за инвестиции и зајакнување на економската соработка, но и за актуелните состојби во регионот и пошироко.

„Разговаравме за нови можности за инвестиции, зајакнување на економската соработка, како и за актуелните регионални и меѓународни предизвици. Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика и во периодот што следува“, наведе Муцунски.

Стабилноста и развојот како предуслов за просперитет

„Заеднички ја истакнавме важноста на стабилноста, соработката и економскиот развој како предуслов за просперитетот на регионот“, порача министерот.