Американската актерка Џенифер Лоренс на шеговит начин одговори на гласините дека направила операција на очните капаци, поточно блефаропластика, откако претходно потврди дека ги оперирала градите. Нејзините фотографии неодамна повторно предизвикаа бројни коментари во јавноста за променетиот изглед на нејзиното лице.
Лоренс ја сподели објавата на шминкерката Шејн Голдберг, која ги покажа производите на козметичкиот бренд основан од славната актерка. Во самиот пакет со производи се наоѓа и промотивна фотографија од Лоренс, при што Голдберг изрази задоволство од печатениот материјал.
Актерката веднаш ја сподели објавата на Голдберг и низ хумор коментираше дека токму нејзината шминка е заслужна за изгледот што наликува на естетска интервенција.
„Ако знаете, знаете – таа ми ја направи блефаропластиката“, напиша Лоренс.
Инаку, блефаропластиката претставува хируршки зафат при кој се отстранува вишокот кожа, а во одредени случаи и масно ткиво од очните капаци со цел очите да добијат поотворен и помладешки изглед.
Реакцијата на познатата оскаровка доаѓа по новите бранови коментари на социјалните мрежи, поттикнати од нејзината неодамнешна фотосесија за списанието The Cut и појавувањето на њујоршката премиера на филмот посветен на серијалот „The Hunger Games“. Иако дел од корисниците тврдеа дека има хируршки зафат на горните капаци, таа јасно стави до знаење дека резултатот се должи на професионална шминка.
Ова не претставува првпат 36-годишната актерка да ги демантира шпекулациите за корекции на своето лице. Таа во повеќе наврати појасни дека нејзиниот изглед природно се менувал со текот на годините, со губењето на бебешката тежина и намалувањето на образите, поради што претходните споредби со тинејџерските фотографии погрешно наведувале на заклучок за корекција на носот.
Сепак, Лоренс отворено зборува за интервенциите што навистина ги направила, откривајќи дека по раѓањето на вториот син направила естетски зафат со нови импланти на градите со големина што ја имала пред бременоста. Актерката исто така наведе дека повремено користи ботокс во умерени количини, додека употребата на филери целосно ја избегнува за да не изгледа неприродно пред камерите.
