Општина Крива Паланка ја поздрави одлуката на Владата со која се утврдуваат конкретни задолженија на надлежните државни институции. Чекорот има за цел конечно надминување на долгогодишниот проблем со бездомните говеда што слободно се движат на општинската територија.

Со владините задолженија се утврдуваат прецизни обврски за поголем број надлежни институции: Агенцијата за храна и ветеринарство треба да ги залови и одземе говедата и да биде главен носител на оперативните активности на терен; Агенцијата за управување со одземен имот доби задолжение да ги преземе, транспортира, смести и згрижи одземените животни; Министерството за внатрешни работи со постојана полициска асистенција ќе ги обезбедува активностите; Центарот за управување со кризи е надлежен за оперативна координација; Дирекцијата за заштита и спасување ќе обезбеди неопходна логистичка, техничка и кадровска помош; додека Бирото за процена треба да ја утврди паричната вредност на одземените животни.

Градоначалникот Сашко Митовски оцени дека владините мерки претставуваат значаен чекор напред кон надминување на кризата со животните.

„На институциите ќе им дадеме шанса и простор да го реализираат Акцискиот план и во овој момент ги ставаме во мирување плановите за најавените протести“, соопшти Митовски.

И покрај донесените мерки, според локалната власт остануваат неодговорени неколку суштински прашања поврзани со динамиката, опфатот и реализацијата на владиниот план.

„Како градоначалник останувам претпазлив, особено поради фактот што во информацијата усвоена од Владата не се утврдени конкретни рокови за донесување на Акцискиот план, ниту за почеток и завршување на теренските активности. Дополнително, предвидената акција ги опфаќа говедата за кои постојат правосилни и извршни решенија за одземање, а останува отворено прашањето за постапувањето со останатите говеда што го создаваат проблемот. Нема ниту одговор на прашањето за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјални штети. На дневна основа активно ќе го следам исполнувањето на секое од задолженијата на надлежните институции. Очекувам конкретни резултати на терен, без дополнително одолговлекување. Ставањето на протестите во мирување е израз на нашата подготвеност да им дадеме простор на институциите да постапат, но во никој случај не значи откажување од нашите барања за целосно и трајно решавање на проблемот“, нагласи Митовски.