Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на покана на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха престојуваше во еднодневна посета на Украина.

-Повеќе од 20 часа пат – со авион, воз и автомобил. Една од организациски најсложените, но и најзначајните посети. Посета што е потврда за силното пријателство и поддршката. Разговаравме за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и билатералната соработка, европската перспектива и актуелните безбедносни предизвици. Ја потврдив нашата цврста и континуирана поддршка за Украина и за принципите на суверенитет, територијален интегритет и меѓународно право, објави Муцунски.
Тој нагласи дека Македонија стои со Украина. Украина е суверена држава, а нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува.

-Границите не можат да се менуваат со сила. Безбедноста на Украина е европска безбедност. Американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно за да се создадат услови за праведен и траен мир. Нашата поддршка ќе продолжи, а кога ќе дојде времето за обнова, сакаме да бидеме тука не само како пријател, туку и како партнер во закрепнувањето и реконструкцијата на Украина, објави Муцунски.
