Истрага за проневера и перење пари е отворена против шест физички и две правни лица, откако јавен обвинител од ОЈО ГОКК, постапувајќи по кривична пријава од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе Наредба за спроведување истражна постапка.
Според досега обезбедените докази, првоосомничениот во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година присвоил 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра, со намера за себе да прибави противправна имотна корист. Останатите осомничени, според обвинителството, со умисла му помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.
Кои се опфатени со истрагата?
Со истрагата е опфатен сопственик и управител на кривично одговорно правно лице од село Кучевиште, кој воедно бил и неизвршен член на Одборот на директори во кривично одговорното осигурително брокерско друштво. За него постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
За помагање при извршувањето на истите кривични дела осомничени се двајца извршни членови на Одборот на директори во осигурителното брокерско друштво, како и овластен сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг.
Уште две лица со сомненија
Раководителот на станицата за технички преглед и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта се осомничени за помагање при извршувањето на кривичното дело „Проневера во службата“.
Со Наредбата се опфатени и две правни лица осомничени за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Како биле присвојувани средствата?
Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта.
Раководителот на станицата за технички преглед, како овластено лице, изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.
Парите минувале низ сметки
За да се прикријат паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување.
Заедно со неизвршниот член на Одборот на директори, средствата ги префрлале меѓу сметките на правните лица и ги мешале со приходите од редовното работење. Дел од средствата бил употребен и за купување недвижности во корист на правното лице.
Што покажува сметководството?
Осомничениот сметководител евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на кривично одговорното правно лице.
Улогата на ЈПДП
Помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, иако била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, свесно не ги презела потребните дејствија.
Дополнително, го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП, наместо правното лице да доставува месечни извештаи до претпријатието.
Штетата е 2,26 милиони евра
Со дејствијата што се предмет на истрагата е прибавена противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра, на штета на повеќе институции и општини.
Обвинителството бара притвор
Ценејќи дека се исполнети законските услови и со цел обезбедување присуство на осомничените во текот на истражната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени и мерки на претпазливост за еден осомничен.
