По вчерашниот, досега најголем број на дојави за поставени бомби во Скопје и Битола, македонските надлежни органи изјавија дека ги информирале НАТО структурите, а во МВР веќе е формиран посебен штаб.
Вчера имаше дојави за бомби во десет скопски и пет битолски училишта, Меѓународниот аеродром Скопје, СЦ „Борис Трајковски“, Националната арена „Тоше Проевски“, Фудбалската федерација на Македонија, Ист гејт мол, како и неколку хотели. По дојавата за бомба и во хотелот „Александар палас“ во Скопје беше откажана годишната конференција на Стопанската комора на Македонија на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Подоцна МВР соопшти дека сите дојави се лажни.
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи вчера изјави дека очекува да се свика и Советот за координација на кој што ќе се разговара за националната безбедност. „Мора да се вклучат и Агeнцијата за национална безбедност и другите институции кои се значајни во овој дел. Бидејќи ако дојавите се најава за тероризам, тогаш сите треба да се вклучиме во ова за да дојдеме до стабилизирање на состојбата“, изјави Спасовски и додаде дека содржината на имејл пораките за дојавите за бомби се исти со оние кои ги добиваат и земјите во регионот.