СВР Охрид презема мерки за да го утврди идентитетот на лицето кое било снимено како фрла вреќи и кутии со отпад во реката Радика. Снимката денеска предизвика бројни реакции во јавноста поради несовесното однесување кон една од најпознатите природни убавини во западниот дел на земјата.
На видеото се гледа како лице со возило застанува на мост над Радика, од автомобилот вади вреќи и кутии полни со отпад и ги фрла директно во реката.
„Ова е реката Радика – една од најчистите и најубавите реки во Македонија. Да фрлаш ѓубре во реката не е ‘ништо страшно’ – тоа е срам и непочитување кон природата, рибите и нашата иднина. Радика не е место за ѓубре“, стои во описот на објавеното видео.
Од МВР за случајот информирале дека полицијата веќе постапува.
„Во врска со видеото за кое прашувате ве известуваме дека СВР Охрид презема мерки за утврдување на идентитетот на лицето по што јавноста ќе биде соодветно известена“, соопшти МВР.
