Засилените сообраќајни контроли за почитување на ограничувањата на брзината продолжуваат и во текот на овој викенд, во рамки на координираната европска акција на Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму наведуваат дека во периодот од 03 до 09 август 2026 година, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведува интензивни контроли насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената.
„Прекумерната брзина не е само прекршок – таа е една од најчестите причини за тешки сообраќајни незгоди со трагични последици. Секое пречекорување на ограничувањето го зголемува ризикот од незгода и ја намалува можноста за навремена реакција. Затоа апелираме до сите возачи да ја намалат брзината, да ја приспособат на условите на патот и да возат одговорно. Почитувањето на ограничувањата значи поголема безбедност за вас, за вашето семејство и за секој друг учесник во сообраќајот. Нашата цел е една – секој човек безбедно да стигне до својата дестинација“, порачуваат од МВР.
