Министерството за внатрешни работи соопшти дека за сите денешни дојави за поставени бомби е утврдено дека се лажни.

Веднаш по добиените пријави се преземени мерки од полициски службеници за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни дојави, соопшти МВР.

Утринава на електронската пошта на ГТЦ добиле меил со заканувачка содржина за поставена експлозивна направа. Трговскиот веднаш бил евакуиран.

Дел од објектите кои првпат се соочуваат со дојава за бомба се и висококатниците на Џевахир Сити. И таму на електронска пошта анонимната дојава стигнала нешто по 9 часот. Станарите откако биле известени веднаш излегле од зградите. Најтешко сепак било за оние кои живеат на повисоките катови.

Дојава за бомба денеска пристигна и на адреса на Министерството за надворешни работи. Вработените во оваа државна институција веднаш биле евакуирани.

Од МВР информираа и дека дојави за бомби имало и во Ист Гејт, девет скопски училишта меѓу кои „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и средното техничко училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром, но и основно училиште во Кавадарци. За сите денешни дојави е утврдено дека се лажни.