На 5 јуни судијата Јордан Велковски од Основниот кривичен суд Скопје ќе ја изрече пресудата за пожарот во модуларната болница во септември 2021 година во кој загинаа 14 лица.

Обвинети во случајот се двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се гонат за тешки дела против општата сигурност, како и докторот Бобан Вучевски кој е обвинет за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. За предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, пак, како правно лице се гони и Клиничката болница Тетово.

Закажувањето на пресудата доаѓа откако денеска во тетовскиот суд беа дадени завршните зборови од странките.

Обвинителот Ханефи Амети посочи дека со изведените докази и сослушаните сведоци се докажало дека обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го исполниле. За обвинетиот доктор Вучевски, пак, Амети потсети на сведочења од роднини и рече дека дозволил присуство на роднини на пациентите.

Кон завршните зборови на Обвинителството се приклучија и пет адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на жртвите и повредените.

Адвокатите на обвинетите, пак, побараа ослободителни пресуди бидејќи сметаат дека обвинителството не успеало да го докаже обвинението.

Адвокатот на болницата рече оти преку сведочења на вработените се докажало дека имало поставени противпожарни уреди и дека установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.

Адвокатот Емил Мифтари, бранител на обвинетиот Бесими, исто така, посочи на сведочењата на вработени во болницата кои истакнале дека имало уреди за гасење пожар. Според него, од друга страна обвинетиот не бил овластен и немал обврска за поставување противпожарни уреди и не учествувал во примопредавање на модуларната болница.

Самоил Филиповски, како бранител на другиот обвинет директор Етеми, во завршните зборови потенцираше дека обвинетите не се обвинуваат за предизвикување на пожар, туку за сосема друго кривично дело сторено од небрежност. Според адвокатот несвојствено е да се определува широк временски опсег на сторување на кривично иако поставените прашања до сведоците беа исклучиво за денот 8.9.2021, кога се случи пожарот.

Кон завршните зборови на овие адвокати се приклучи и бранителот на докторот Вучевски, Дарко Котески, според кој обвинителството не докажало дека неговиот клиент го сторил кривичното дело. За Вучевски побара ослободителна пресуда исто како што тоа го направија и група граѓани кои повторно се собраа пред тетовскиот суд за да му изразат поддршка на докторот.