Човекот кој велеше дека има план на власт да остане дванаесет години, по се изгледа нема да ги дочека ни првите дванаесет месеци.

Димитар Ковачевски – Таче, актуелниот македонски премиер и покрај сите укажувања на експерти, опозиција, коалициони партнери, а вчера јасно и гласно тоа му го порача претседателот на државата Стево Пендаровски, дека во Брисел не треба да оди, тој денес одлучи сосема спротивното.

Имено на маса од пред неколку дена е ставен таканаречениот француски предлог за македонско – бугарскиот спор, за кој по се изгледа само Таче има позитивно мислење.

Францускиот предлог, како што можеме да видиме со информации лиферувани во медиумите во Бугарија, бидејќи ние како граѓани на оваа држава немаме право да дознаваме од нашите власти, па тоа мораме да го направиме преку бугарските, не е за комплетно откочување на преговорите или народски кажано, можемe да отвориме 10 поглавја, па кога ќе треба да го отвориме 11 поглавје, станале на лева нога утрото може да нè блокираат и да нè вратат од почеток.

Но, ова македонските власти го кријат од нас и јавно не ни го кажуваат. Бујар Османи по брифинзи со новинарите и на прес-конференции вели дека сè уште не бил стигнат, неговиот шеф, Ковачевски исто, вчера тоа го кажуваше и шефот на државата, но во една работа се издадоа.

Имено, Бујар Османи пред неколку дена кога излезе тој фамозен француски предлог, рече дека со професионалците во МНР го анализираат секој збор во тој предлог, а вчера шефот на државата Стево Пендаровски, онака ноншалантно во интервју на една телевизија вели, тој ќе стигне два дена пред самитот и нема што многу да го читаме, тоа е тоа.

Епа господа од власта малку сте ги спобркале работите. Македонските граѓани не се стадо овци како што ги претставувавте пред избори.

Но нејсе, проблемот лежи кај македонскиот ни премиер Таче.

Имено тој денес наместо да каже „господа од ЕУ доста беше, ние до тука можеме да трпиме омаловажување и навредување од ваша страна, јас во Брисел не доаѓам за да ги слушам истите навреди“, тој онака ладнокрвно денес напиша статус на Фејсбук, „јас решив дека ќе одам во Брисел“. Ајдеее мајкатааа, Таче решил ќе оди да се слика во Брисел.

Ова по малку потсетува на неговиот претходник, тој имаше по минимум десетина вакви и слични испади дневно, па сегашниов изгледа попримил.

Но денес не само што ја имаме опозицијата и експертите против францускиот предлог, денес за среќа дојдоа јасни сигнали и од коалиционите партнери на Таче. Горан Милевски јасно му даде до знаење дека ако го прифатат францускиот предлог тој ќе излезе од владата, Павле Трајанов со една нога е надвор од власта, а после онаа случка во владата со Али Ахмети, фацата на Маја Морачанин кажуваше дека и таа размислува за истиот потег, ако се земе и излагањето на Скендер Реџепи, по сè изгледа на крајот Таче ќе плаче но не за колаче.

Ако македонскиот премиер не знае, тој во моментов има 64 пратеници, а ако му откажат доверба овие четворица горенаведените ќе остане со 60, а за парламентарно мнозинство се потребни 61, само што овој пат нема да се најде некој си Кастриот Реџепи, овој пат владата ќе му падне, а ваквиот епилог е се поизвесен.

Се поизвесно е дека Македонија оваа есен ќе има предвремени парламентарни избори, но тие избори се тотално небитни ако утре во Брисел, нашиов Таче реши да го прифати францускиот предлог, велам небитни бидејќи бељата ќе биде веќе направена, а после назад нема или ќе биде многу тешко, бидејќи изгубивме многу време на патот до евроинтеграциите.

Во моментов Македонија е оставена на бугарската милостина, кога велам милостина, мислам на тоа дека треба да се молиме Бугарија да не го прифати овој предлог и Македонја да се спаси, а последните информации велат дека Захариева кажала стоп за овој предлог, но Бојко Борисов и Румен Радев велат дека е добар.

На Македонија и беа направени многу неправди, многу понижување, многу зулуми, треба да се најде маж во куќата и да удри на маса, да каже доста беше, преку глава ни е од ова, ние ќе си ја оправаме државата внатре, а вие ако се опаметите слободно јавете се ние сме тука, но за влез во ЕУ нема да ни поставувате никакви услови туку како за Германија и Франција така и за нас ќе важат правилата.