Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, денеска даде заклетва пред Советот на јавни обвинители, а потоа во просториите на обвинителство ја презеде функцијата од Вилма Русковска.

На примопредавањето на функцијата Абази и Русковска дискутирале за досегашната работа на обвинителството и работата која претстои.

Ислам Абази доаѓа на местото на Русковска откако на непосредните избори на 7 ноември, кои беа организирани според новиот Закон за јавно обвинителство, освои 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири.

Ловот, планинрењето и свадбите во Зајас, случајно го ставиле новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал во ист кадар со функционери на ДУИ. Вака Абази ги објаснува фотографиите кои излегоа во јавноста по неговиот избор.

„Во периоди на викенди, одмори, излегувам и планинарам. Хоби ми е ловот и планинарењето. Во тие делови јас сум се сретнал со луѓе и сум се поздравил. Да се качиш на еден врв, тоа е еден врв во Република Северна Македонија, е радост и се практикуваат слики да го обележиш тој настан за искачување на врв. Тука сме се нашле ние случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и си имале познанство. Се сретнавме тука и ништо повеќе од тоа. Во однос на другите фотографии, како што кажав, потекнуваме од Зајас. Зајас е село и се случува заедно да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. Во тие средби никогаш не зборуваме ниту за предмети ниту за политика“, изјави Абази.

Тврди дека не му е проблем да ги гони тие што ги сретнува за време на своето хоби. На кои предмети треба да посвети внимание му посочила неговата претходничка Вилма Русковска со која го испи првото кафе во новата канцеларија. Во џентлменски стил ѝ подари букет и ѝ го придржа столчето да седне.