Кандидатите денеска ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, на седница која се емитуваше во живо. Сите најавија дека ќе се залагаат за зајакнување и максимално искористување на капацитетите на истражните центри, а во фокус ќе бидат финансиските истраги, дигитализацијата, кадровското доекипирање и унапредувањето на соработката.

Петмина обвинители се кандидати за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Во трка се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов, неговиот колега од истото обвинителство, Јован Цветановски, обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.

Еден од нив ќе го замени Ислам Абази на раководното место  во ОЈО ГОКК, а изборот ќе се спроведе на 28 октомври од 8 до 16 часот, кога обвинителите од сите обвинителства во Македонија ќе одлучуваат на тајно и непосредно гласање. Право на глас имаат 188 обвинители.

Кандидатите денеска ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, на седница која се емитуваше во живо. Сите најавија дека ќе се залагаат за зајакнување и максимално искористување на капацитетите на истражните центри, а во фокус ќе бидат финансиските истраги, дигитализацијата, кадровското доекипирање и унапредувањето на соработката.

Обвинителот Фатон Азизи рече дека главни приоритети ќе му бидат зајакнувањето на капацитетите на истражниот центар во Обвинителството, проактивното постапување по предметите поврзани со таканаречените црни листи на меѓународните партнери и интензивирањето на борбата против перењето пари.

– Приоритет ќе биде зголемена борба против перењето пари во градежништво, криптовалути и други форми на финансиски криминал – рече Азизи.

Се осврна и на досегашното искуство во ОЈО ГОКК, каде што работи во Одделението за гонење висока корупција и постапува по повеќе обемни предмети со поголем број обвинети.

Овинителот Трајче Пеливанов, кој беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство, рече дека успехот на Обвинителството не се мери само по бројот на отворени предмети или поднесени обвиненија, туку преку целосно истражени случаи, одржливи судски пресуди и враќање на незаконски стекнатиот имот во државната сопственост.

Според него, во фокусот мора да бидат финансиските истраги, мора да станат составен дел од секоја кривична постапка уште од самиот почеток и одземањето на криминално стекнатиот имот.

– За успешно функционирање неопходно е законско зајакнување на сопствените капацитети, вклучително и на истражниот центар и ангажирањето финансиски експерти – изјави Пеливанов. нагласувајќи дека целта не е изолација од Министерството за внатрешни работи и од другите институции, туку градење доволни капацитети за самостојно и навремено дејствување.

Порача дека Обвинителството треба да постапува одлучно и законито, без да подлегнува на сензационализам или надворешни притисоци.

Во пораката упатена до своите колеги пред изборот закажан за 28 октомври, Пеливанов ги повика одлуката да ја донесат „самостојно и без влијанија, водени од професионалните критериуми“.

Обвинителката Лидија Раичевиќ, која беше кандидатка за шеф на ОЈО ГОКК и пред четири години, рече дека наместо програми, на Обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривичните дела.

Раичевиќ оцени дека јавните обвинители не смее да се потпираат исклучиво на случаи откриени од полициските структури, туку мора и самите активно да учествуваат во откривањето на криминалот.

– Не може севкупниот криминал да се гони само по откривање од страна на полициските структури. Јавниот обвинител треба да ја знае структурата на криминалот во општеството – рече Раичевиќ.

Таа порача дека е потребно унапредување на техниките на работа, дигитализација и подобро поврзување со другите институции.

Обвинителката Искра Хаџи Василева рече дека одговорноста била главниот мотив за нејзината кандидатура,

– Состојбите ги знаеме сите и тие не се едноставни, секако се условени од многу различни фактори, но мислам дека можеме и многу повеќе и многу подобро во нашата работа – изјави Хаџи Василева.

Рече дека програмата ја темели на четири столбови – ефикасност и ажурност во постапувањето, поголема активност во финансиските истраги, конфискацијата на имот и максимално искористување на истражниот центар и зајакнување на кадровската екипираност и на капацитетите преку дигитализација. Ја наведе и поголемата транспаретност, која, како што рече, ја зголемува јавната доверба во институцијата.

Според неа, институтот спогодување можеби треба многу повеќе да се користи, и тоа за поширок спектар на предмети.

– Со примена на овој институт можеме да постигнеме многу во борбата со организираниот криминал, бидејќи со тоа се скратува времето на постапките и се растоварува судот – рече Хаџи Василева.

Најави дека ќе се залага за заокружување на процесот на дигитализација, а во тој контекст ја спомена и вештачката интелигенција, која може да биде корисна алатка во секојдневната работа на Обвинителството.

– Вештачката интелигенција може и веќе треба да се користи како алатка за олеснување на секојдневната работа,  од претворање на говор во текст и превод на документи, сè до обработка на податоци кои досега се работеле ‘пеш’  – рече Хаџи Василева.

Обвинителот Јован Цветановски како клучни приоритети ги издвои зголемувањето на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, намалувањето на бројот на стари и нерешени предмети, како и зајакнувањето на кадровските капацитети и на истражниот центар.

Претставувајќи ја својата програма, Цветановски истакна дека е потребен проактивен пристап во постапувањето по предметите, како и поефикасна соработка со институциите вклучени во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Тој посочи дека за остварување на тие цели е неопходно да се унапреди соработката со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и другите надлежни институции, преку заеднички тимови, дигитализација на доказниот материјал и паралелно водење финансиски и кривични истраги.

Посебен акцент, според него, треба да се стави на финансиските истраги уште од почетокот на постапките за висока корупција.

Тој оцени дека раното откривање и обезбедување на незаконски стекнатиот имот е клучно за успешна конфискација и за собирање докази што ќе помогнат во утврдувањето на кривичната одговорност.

Цветановски се заложи и за дополнително јакнење на капацитетите на ОЈО ГОКК, вклучително и внимателен избор на полициски службеници во Истражниот центар, пред сè со искуство во финансиски и организиран криминал, како и за ангажирање финансиски експерти и форензичари во рамките на Обвинителството.

Тој се осврна и на примената на мерките за обезбедување присуство во текот на истражната постапка, оценувајќи дека притворот треба да се користи само кога се исполнети законските услови, а во останатите случаи да се применуваат другите мерки предвидени со закон.

Комисијата за спроведување на изборот, што ја формира Советот на јавните обвинители, ја сочинуваат Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.

Ден пред објавувањето на огласот Абази, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека размислува за повторна кандидатура и оти планира да се врати во Вишото јавно обвинителство Гостивар.

Извор: Плусинфо