На Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија денеска ќе биде отворен компјутерски центар. Од Клиниката информираа дека како дел од ИПА фондовите, ЕУ обезбедила медицинска опрема во вредност од 3,7 милиони евра на државава за справување со здравствени закани. На настанот, како што е најавено ќе се обратат медицинскиот директор на Клиниката, Дејан Докиќ, организацискиот директор на Клиниката, Суат Шаќиров и министерот за здравство, Беким Сали.

Обезбедена е опрема која опфаќа набавка на медицинска опрема, три апарати за магнетна резонанца и пет апарати за компјутерска томографија, од кои еден систем за компјутерска томографија од производителот „Philips Incisive CT“ со одлука на Владата е доделен на Клиниката за пулмологија и алергологија. За таа цел обезбедени се просторни услови за инсталација на системот за компјутерска томографија, во објект даден на користење од Владата. Паралелно со оваа набавка од ЕУ, Клиниката од сопствени средства изврши набавка најнов дигитален РТГ апарат од фирмата „Shimadzu“, така што од технички аспект има најнова апаратура. Поради тоа се наметна потреба за вработување на стручен кадар кој ќе ракува со соодветната апаратура, па се вработени четворица радиотехнолози и двајца доктори специјалисти радиолози, потенцираат од Клиниката.

Компјутерската томографија Incisive овозможува скенирање на целото тело со висока резолуција за многу кратко време и се разликува од конкуренцијата со висококвалитетната рендгенска цевка која работи со помала моќ на енергија, како и високата брзина на скенирање со висока резолуција и јасност на сликата. За ефикасно скенирање на стандардните прегледи на овој скенер потребни се пет до десет секунди. Уредот е опремен со софтвер за скенирање со минимални дози и површина од 70 KV, што е намалување на дозата до 80 отсто по пациент. Ова го заштитува пациентот од прекумерно зрачење, но исто така и персоналот кој работи со уредот што е од суштинско значење.

Друга предност од набавката на апаратот за КТ е намалување на времето на чекање за снимањето. Како илустрација за да се добие термин за закажување на КТ со контраст првиот слободен термин е за три недели. Ако кон ова време се додаде и времето потребно за читање на резултатите од пет до седум работни дена, се добива вкупно еден месец за добивање на резултатот. Веруваме дека со набавката на овој апарат за КТ во голема мера ќе го скратиме времето на чекање на пациентите, бидејќи ќе работиме во две смени со комплетно екипиран персонал, кој резултатите ќе ги издава веќе следниот ден. Исто така ќе обезбедиме термини и за останатите интерни одделенија, посочуваат од Клиниката.