Заев уште еднаш се заблагодари на Србија за оваа можност и вели дека целиот свет е во ист проблем како Македонија.

– Непријатно е чувството. Како што реагираат и граѓаните на социјалните мрежи, но уште еднаш ќе го повторам ставот на владата. Немаме против определбата на нашиот народ да оди во соседна пријателска земја да прими вакцини. Вакцините не треба да се фрлат, треба да се искористи до последна вакцина. Ја поздравуваме пријателската доблест на пријателска Србија. Ќе беше многу подобро тука дома да се вакцинираат, но сите знаете проблем има Америка, има проблем цела Европа и целиот свет заради недостаток на количини на вакцини. Западниот Балкан, освен Србија, е буквално во иста состојба, вели Заев.

Тој уште еднаш излезе со став дека Владата направила сè за на секој можен начин да дојде до вакцина.

– Кога тргнавме со обиди преку приватни фирми да најдеме вакцини, бевме обвинети дека нешто тајно договараме. Направивме сè, на секој можен начин да дојдеме до вакцини. Нарачавме повеќе од тоа што претставува план за имунизација. За еден милион население се два милиони вакцини. Ние имаме порачано 800 илјади преку Ковакс, 800 илјади Фајзер, 200 илјади од Кина и 200 илјади Спутник од Русија. 100 илјади се од Европа и 500 илјади направивме усна нарачка со Кина за во мај. Тоа се 2 милиони и 600 за два милиони потреби, изјави премиерот Заев.