-Со изјавата дека наредбата за задолжителна вакцинација на припадниците на вооружените сили останува на сила, генералот Милан Мојсиловиќ покажа дека не ја почитува државата Србија и припадниците на армијата, но и институцијата Народен правобранител, поради што тој мора да биде повикан на кривична и дисциплинска одговорност, се наведува во соопштението на Вoениот синдикат на Србија.

Синдикатот посочува дека наредбата не може да биде конечна затоа што е издадена спротивно на Уставот, меѓународните договори и законот, односно од таму тврдат дека никој не е должен да постапува по истата, но апелираат до сите членови да се вакцинираат по сопствено убедување. Од претседателот Александар Вучиќ, како врховен командант, се бара да ја повлече, како што се вели, неуставната и незаконска наредба за присилна вакцинација на вработените во вооружените сили и да ги заштити Уставот и основните човекови права на припадниците на српската армија.

Во меѓувреме, се дозна и дека полицискиот директор Владимир Ребиќ минатиот петок издал наредба за задолжителна вакцинација на полицајци и службеници во Министерството за внатрешни работи на Србија, а досега реагираше само претседателот на движењето Љубов-Вера-Надеж, Немања Шаровиќ, до неодамна член на Српската радикална партија. Шаровиќ посочи дека нема одлука за задолжителна имунизација на населението и врз таа основа, тоа не може да биде задолжително ниту за полицијата, бидејќи несомнено е незаконско и неуставно.

Србија започна масовна кампања за имунизација на 24 декември и досега искористи вкупно 4.269.018 дози, користејќи четири вакцини – „Фајзер“ / „Бионтек“, „Астразенека“, „Спутник в“ и „Синофарм“. Според Министерството за здравство, досега 1.881.908 граѓани ги добиле обете дози.