Национална конференција „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ ќе се одржи денеска во Скопје, во рамки на проектот за зајакнување на партиципативната демократија и евроатланската интеграција во Западен Балкан, преку зајакнување на граѓанските организации и мрежи во регионот и нивно поактивно учество при градењето на мирно и инклузивно општество, со цел одржлив развој.

На првата сесија „Перспектива на безбедноста и стабилноста во Западен Балкан“, како што е најавено, ќе зборуваат професорката на Институтот за безбедност, одбрана и мир Лидија Георгиева, националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и броба против тероризам Златко Апостолски, генералниот секретар на Евроатланскиот совет на Северна Македонија Илија Џугуманов и Љубица Пендароска, експерт за сајбер безбедност и заштита на лични податоци.

Професорот на Одделот за јавна администрација и политички науки при Уиверзитетот на Југоисточна Европа – Скопје, Мемет Мемети, членот на Државната комисија за спречување на корупција Владимир Георгиев, директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски и Драган Секуловски од Здружение на новинари на Македонија, ќе учествуваат на вториот панел „Добро владеење и ЕУ интеграција во Западен Балкан: моменталната состојба и улогата на Граѓанските организации“.

На конференцијата, како што е најавено ќе биде претставена грантовата шема на проектот, преку кој ќе бидат обезбедени повеќе од 450 грантови во шест држави од регионот, во период од четири години.

Проектот СМАРТ Балкан, е финансиран од страна на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и се имплементира од три организации од регионов Центарот за промоција на цивилното општество од Бих; Центарот за истражување и креирање политики од Северна Македонија и Институтот за демократија и медијација од Албанија.