Шпанскиот тенисер Рафаел Надал на маргините на АТП турнирот кој денеска почна во Мадрид се приклучи на критиките кон организаторите на грен – слемот во Вимблдон поради одлуката да им забранат настап на руските и белоруските играчи.

– Ниту тенисерките и тенисерите од Русија и Белорусија се виновни за сè што се случува во Украина, ниту организаторите на Вимблдон мораа да донесат таква одлука, изјави Надал.

– Одлуката не е фер кон моите колеги. Каква е нивната вина? Жалам поради тоа, но ситуацијата сега е таква каква што е. Во овој случај, Вимблдон непотребно донесе таква одлука, додаде шпанскиот тенисер.

АТП и ВТА претходно најавија дека ја разгледуваат можноста настапите на Вимблдон да не бидат бодувани и рангирањето на светските листи во машка и женска конкуренција да биде замрзнато по лондонскиот Грен – слем.

Двете светски тениски организации остро ја критикуваа одлуката на Вимблдон да им забрани настап на натпреварувачите од Русија и Белорусија.