Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари се задржаа близу 105 долари за барел, балансирајќи меѓу најавите за нова рунда преговори меѓу САД и Иран и проценките за долг процес на нормализација на транзитот низ Ормускиот теснец.

На лондонскиот пазар барелот попладне се тргуваше по речиси иста цена како и на претходното затворање, околу 104,90 долари. На американскиот пазар цената беше пониска за 1,78 долари и изнесуваше 94,07 долари.

Пазарите оваа недела беа под силно влијание на иранската блокада на Ормускиот теснец и американските мерки кон иранските пристаништа. Иако Иран пред една недела најави отворање на теснецот, со услов бродовите да го координираат преминот со иранската морнарица, САД продолжија со блокада на иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море.

Техеран оцени дека станува збор за прекршување на примирјето и повторно го затвори теснецот. Иранската војска во меѓувреме пресретнала неколку бродови што се обиделе да поминат и ги придружила до иранскиот брег. Од друга страна, американските сили извршиле рација на ирански контејнерски брод во Оманскиот теснец и запреле танкер во близина на Шри Ланка.

Инвеститорите добија сигнал за можно намалување на тензиите по информациите дека шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи ќе ги посети Исламабад, Мускат и Москва на разговори за состојбата во регионот.

Пакистан и Оман веќе имаат улога на посредници во разговорите меѓу САД и Иран. Аракчи веќе разговарал со пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар и со началникот на армијата Асим Мунир, кој посредуваше во последната рунда преговори во Исламабад.

Според американски медиуми, се очекува претставници на администрацијата на Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, наскоро да отпатуваат во Пакистан. Потпретседателот Џ.Д. Венс засега не планира да се приклучи, но би можел да се вклучи доколку разговорите напредуваат.

Во меѓувреме, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) соопшти дека цената на нејзината нафтена кошничка во четвртокот пораснала за 3,22 долари и достигнала 106,28 долари за барел.