Октомврискиот суфицит изнесува 84,5 милијарди норвешки круни (9,73 милијарди долари), што е зголемување за 60,7 отсто во однос на септември, кога беше забележан претходниот едномесечен рекорд, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Со дневно производство од околу четири милиони барели нафтен еквивалент, речиси подеднакво поделено меѓу нафтата и природниот гас, Норвешка беше најголемиот победник на неодамнешниот скок на глобалните цени на енергијата.
Во вкупниот извоз на земјата минатиот месец, 67 отсто од приходите се од нафта, покажуваат податоците.
Најголемата норвешка државна компанија за нафта и гас Equinor го имаше најсилниот квартален резултат во последните девет години во периодот јули-септември, со оперативна заработка од 9,8 милијарди долари.
Иако суровата нафта традиционално е најголемиот извор на приходи од извоз на Норвешка, остриот пораст на цените на гасот во последните месеци ја промени ситуацијата.
Вредноста на извозот на гас во октомври изнесуваше 72 милијарди круни (8,27 милијарди долари), што е петкратно зголемување во споредба со пред една година. Во исто време, извозот на нафта беше вреден 32,7 милијарди круни (3,75 милијарди долари) во октомври, што претставува зголемување од 71,8 отсто во однос на истиот месец минатата година.
Испораките на норвешки гас сочинуваа 22 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во Европската унија минатата година, рангирана на второто место зад пазарниот удел на Русија од 34 отсто, според норвешката влада.