Посебно формирана комисија на МОН избра 27 ученици од прво до деветто одделение кои се наградени во шест категории.

Учениците од прво до трето одделение се натпреваруваа во три категории: „Блаже Конески низ цртеж“, „Буквите низ цртеж“ и во категорија за најдобра ликовна творба/фотографија, а од четврто до деветто одделение можеа да творат на темите „Конески бдее над татковината – јазикот“ и „Поезијата на Блаже Конески – наша ненасушна инспирација“ во три категории: за најдобра поетска творба, најдобар расказ и најдобра ликовна творба/фотографија.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, наградените ученици покажале дека не само што знаат зошто е значаен Блаже Конески за нашата држава и идентитет, туку покажале и одговорност и спремност за понатаму да го чуваат и да се грижат за наследството што го остави Конески.

-Нивните творби покажаа дека тие се заинтересирани понатаму да го рзгледуваат делото, да творат во име на делото на Конески, што е дел од нашиот идентитет, а е нивна обврска да го чуваат. Новата Концепција, исто така, зборува за јазикот како идентитет и во програмата за четврто одделение, во учебникот по македонски јазик, првпат е воведена песна од Конески за тие од најмала возраст да добијат информации и да се запознаат со овој многу значаен лик од нашата историја, изјави Царовска по доделувањето на наградите.