Учениците новата учебна година ќе ја започнат со обезбедени учебници, а дистрибуцијата на најголемиот дел од нив веќе е завршена. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, посочувајќи дека во тек е финализирањето на целиот процес.

Нов модел за издавање и дистрибуција

Јаневска во интервју за телевизија Сител посочи дека Министерството за образование и наука презело повеќе мерки за подобрување на системот за издавање и дистрибуција на учебниците. Со новата законска рамка, учебникарството е префрлено кај издавачките куќи.

Според министерката, претходно Министерството истовремено имало улога на печатница и учебникар, што, како што оцени, било тешко спроведливо и несоодветно.

Проверки во училиштата и замена на оштетените учебници

Процесот, како што нагласи Јаневска, е направен максимално транспарентен, а документите поврзани со постапките се достапни на веб-страницата на Педагошката служба. За училиштата биле организирани и три онлајн семинари, со цел правилно да се спроведува замената на старите и оштетени учебници.

Таа посочи дека во изминатите години имало проблеми со дотраени и оштетени учебници поради несоодветно спроведување на процедурите во училиштата, но очекува овие пропусти годинава да бидат надминати.

Јаневска информираше и дека е зголемена свеста за одговорно користење на учебниците, додека училиштата ќе добиваат онолку примероци колку што ќе побараат. Министерството извршило проверки во повеќе училишта, при што било потврдено дека дистрибуцијата на најголемиот дел од учебниците е завршена.

Вештачката интелигенција и државната матура

Во однос на вештачката интелигенција, министерката истакна дека на глобално ниво се води дебата за нејзините придобивки и ризици. Целта на Министерството, како што рече, е нејзиното воведување во образовниот процес да придонесе за подобрување на наставата и учењето.

Јаневска посочи дека наставниците и учениците треба да бидат поддржани во правилното користење на вештачката интелигенција, со искористување на нејзините позитивни страни за креативност, иновативност и учење, но и со свест за можните злоупотреби.

Говорејќи за државната матура, таа оцени дека просечната оценка од 3,66 ги отсликува реалните постигања на учениците. Според неа, резултатите се поблиску до реалната состојба благодарение на построгите процедури и контролните механизми при спроведувањето на испитот.