Најмалку 1.900 деца помлади од пет години починале во минатата година од неухранетост во регионот Тиграј во Етиопија за време на вооружени конфликти, се нагласува во студија спроведена од регионалните здравствени служби.
Смртните случаи на деца беа пријавени во здравствените установи низ Тиграј од јуни минатата година до 1 април оваа година, но Западен Тиграј, што е контролиран од силите од соседниот регион Амхара, не е вклучен во студијата.
Лекар кој работел на студијата рече дека реалниот број на смртни случаи кај неухранетите деца е веројатно поголем бидејќи многу семејства не можеле да ги донесат своите деца во здравствените домови поради проблеми со транспортот.
-Бидејќи не можеме да пристапиме до повеќето области, не знаеме што се случува на ниво на целата заедница. Станува збор за смртни случаи кои успеавме да ги евидентираме во здравствените установи, но најголем дел од смртните случаи предизвикани од неухранетост останаа неевидентирани, изјави доктор кој побара анонимност поради страв од одмазда.
Тиграј е отсечен од остатокот од Етиопија од јуни минатата година, кога борците на Народноослободителниот фронт на Тиграј (TPLF) повторно зазедоа голем дел од регионот по повлекувањето на федералните сили.