Најмалку осум лица, вклучително и две бебиња, загинаа во близина на егејскиот брег на Турција откако се преврте брод со мигранти, пренесе ДПА повикувајќи се на агенцијата Анадолија.

Две лица од чамецот успеале да допливаат на безбедно, а уште две биле спасени од турската крајбрежна стража, изјави гувернерот на егејската провинција Чанаккале Илхами Акташ.

Не се знае колку точно луѓе имало на бродот. Крајбрежната стража ја продолжува потрагата.

Засега не е јасно како потонал чамецот. Несреќата се случила во областа Еџабат во Чанаккале, каде што шверцерите често се обидуваат да донесат луѓе од Турција преку Егејското Море во Грција, која е членка на ЕУ.

Турската крајбрежна стража известува дека во областа речиси секојдневно се пресретнуваат чамци со мигранти.