Од вкупно 297 кандидати за градоначалник на претстојните локални избори на 17 октомври 2021 година, 26 се независни или 8,75 проценти. Ова е помалку, споредено со последните, кога независни кандидати за градоначалници биле нешто над 10 проценти. Најмногу независни кандидати за градоначалник имало на локалните избори во 2005 година – над 25 проценти, а најмалку на првите во 1996 година – 7,5 проценти.
Независни кандидати ќе има во 18 општини и Градот Скопје или во 22 проценти од вкупно 80 општини. На сите локални избори досега имало барем еден независен кандидат кој добива мандат. Најмногу независни кандидати добиле мандати на локалните избори во 2005 – седум, а најмалку на првите во 1996 година – еден независен кандидат.
Локалните избори на 17 октомври 2021 година ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
Официјално кампањата за првиот круг од локалните избори започнува утре, на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ.
Според Државната изборна комисија, потребниот број потписи го собрале 57 групи избирачи за советнички листи, од вкупно 70 кои собирале потписи.
Од вкупно 546 поднесени листи за советници 63 или 11,5 проценти се независни. Независни советнички листи има поднесено во 40 општини или во половина општини и Градот Скопје. Најмногу независни листи имало на изборите во 2013 година – над 17 проценти, а најмалку на првите и вторите во 1996 и 2000 година, кога само нешто над 3 проценти од поднесените листи за советници биле независни.
На првите локални избори по новата територијална распределба во 2005 независни советници имало во над една третина од општините – 36,47 проценти, потоа тој број полека се намалува на 35 проценти во 2009 година, на 29,6 отсто во 2013 и на 22,2 на последните во 2017 година.
Најмалку независни советници имало на локалните избори во 2000 година – 1,73 проценти од вкупниот број советнички места, потоа следат последните локални во 2017 кога имало 2,74 проценти, додека најмногу независни советници биле избрани на локалните избори во 2005 година – 4,77 проценти.
Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје.
Од вкупно 683 кандидати за градоначалници, независни биле 51 кандидат или 7,5 проценти. На овие избори места освоиле вкупно седум партии и само еден независен кандидат – во Општина Шипковица.
Од вкупно 747 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни листи биле 26 или 3,5 проценти. Независните групи за членови на Советите на општините добиле вкупно 1,03 проценти од гласовите и освоиле 30 мандати или само 3,66 проценти од вкупно 1.802 советнички места.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 12 општини, односно во 9,67 проценти од вкупниот број општини.
Вторите локални избори се одржале на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје.
Од вкупно 323 кандидати за градоначалници, независни биле 37 или 11,45 проценти од кандидатите. На овие избори места освоиле вкупно осум партии и двајца независни кандидати.
Од вкупно 564 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни биле 19 или 3,35 проценти. Независните групи на членови на Советите на општините добиле 33 мандати, што е 1,73 проценти од вкупно 1.906 советнички места.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 13 општини, односно во само 10 проценти од вкупниот број општини.
Третите локални избори се одржале на 13 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и Градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините.
Од вкупно 379 кандидати за градоначалници, независни биле 92 или 24,27 проценти од кандидатите. На овие избори места освоиле пет партии и седум независни кандидати, иако некои од нив во вториот круг биле поддржани од партии.
Независни кандидати победиле во Град Скопје – Трифун Костовски; во Ѓорче Петров – Сокол Митровски; во Зелениково – Борче Гиевски; во Кавадарци – Панчо Минов; во Кичево – Владимир Толевски; во Чашка – Стојан Маневски и во Чучер – Сандево – Воислав Киранџиќ.
Од вкупно 445 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни листи биле 33 или 7,41 процент. Независни советници освоиле 64 места или 4,77 проценти, од вкупно 1.341 советнички места.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 31 општина, односно во над една третина (36,47 проценти) од вкупниот број општини.
Важно за напомена е дека Државната изборна комисија до 2006 година не постои како посебен орган и се формира пред секои избори и нема објавено целосни резултати или финален извештај за дел од првите три локални избори во земјата.
Четвртите локални избори се одржале на 22 март 2009 година, на кои се избирале градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје.
Вкупно биле поднесени 364 листи за градоначалници од кои 52 биле независни или 14,28 проценти. Градоначалнички места освоиле пет партии и тројца независни кандидати во Гостивар – Руфи Османи , Македонски Брод – Милосим Војневски и во Чучер – Сандево – Јован Пејковски.
Од вкупно поднесени 702 кандидатски листи за советници, 88 биле независни, што е 12,5 проценти. Независни советници освоиле 63 советнички места, или 4,5 проценти од вкупно 1.391 советничко место.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 30 општини, односно во над една третина (35 проценти) од вкупниот број општини.
Петтите локални избори се одржале на 24 март 2013 година со цел избирање на советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје.
Од вкупно 350 кандидати за градоначалници 27 биле независни или 7,7 проценти. Градоначалнички места освоиле четири партии и двајца независни кандидати – во Могила – Стево Пивковски и во Чучер – Сандево – Јован Пејковски.
Биле поднесени вкупно 480 листи на кандидати за советници, од кои 86 или 17,9 проценти биле од независни групи на граѓани. Независни советници освоиле 56 места или 4.16 проценти од вкупно 1.345 советнички места.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 24 општини, односно во нешто помалку од една третина (29.6 проценти) од вкупниот број општини.
Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје.
Од вкупно 257 кандидати за градоначалници, 27 или 10,5 проценти биле независни кандидати. Мандати освоиле шест партии и тројца независни кандидати – во Брвеница – Енвер Пајазити, Ранковце – Ивица Тошевски и Чучер – Сандево – Јован Пејковски.
Од вкупно 371 кандидатска листа за советници, 48 или 12,9 проценти биле од независни групи на граѓани. Независни советници добиле 37 места, од вкупно 1.347 советнички места, што претставува само 2,74 проценти.
Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 18 општини, односно во 22,2 проценти од вкупниот број општини.