пишува: ЉУПЧО ДИМОВСКИ

Ова е еден од клучните мотиви според кој било која одговорна влада мора да се раководи во проекциите и поставувањето на стратегиските земјоделски политики во насока на заштита на домашното земјоделско производство и неговиот развој и унапредување.

Повеќе од нужно е поставените магистрални правци во змјоделството да се задржат и истите да се надградуваат. Тие не смеат да бидат изложени на брзи и необмислени промени затоа што на тој начин ја губат смислата, но истовремено создаваат несигурност во секторот, кој во следниот период ќе има исклучителна важност за Република Македонија, воопшто и за секоја држава која смета на развојот на земјоделството и зголемување на производството на храна.

Затоа што производството на храна за секоја држава претставува услов за нејзина поголема независност и отпорност на новите трендови на глобално ниво. Не само во делот на стопанските процеси, туку тоа се однесува воопшто и на политичките импликации кои се сосема извесни, а се тесно поврзани со стопанството и со производството на храна.

Впрочем, една од генералните политики во сите подобро организирани и развиени земјоделски држави, членки на ЕУ, се однесува во обврската за значително зголемување на земјоделското производство и производството на храна на среднорочен временски период.

Република Македонија не смее да биде исклучок од овие политики, таа мора да ги следи трендовите во поставените аграрни политики, односно со Заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Иако мојата првична намера беше поширока елаборација на значењето на земјоделското земјиште во државна сопственост, а како почеток за неговата улога во долгогодишниот процес на окрупнувањето на вкупното земјоделско земјиште во Република Македонија, како своевидна сигурна супституција во процесот на окрупнување на земјоделското земјиште и позитивните ефекти кои ќе произлезат од него, после една телевизиска дебата за предложениот Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост сметам, впрочем како и пошироката јавност, дека е беспредметно убедувањето на власта која очигледно има цврст став овој нелогичен и штететн закон, пред сè, тврдоглаво да го исттурка по секоја цена, што од страна на опозицијата во никој случај нема да се дозволи.

Како по непишано правило најнесреќните „решенија“ за македонскиот аграр се случуваат за време на владеењето, во буквална смисла на зборот владеење, на СДСМ.

Своевремено со целосното девастирање на десетината големи Земјоделско индустриски комбинати, постоечките помали земјоделски задруги, па се до распределбата на неразумно долг период на користење (од над 30 години) на огромни 94 илјади хектари најплодна земјоделска површина во државна сопственост на само 412 корисници. Секако блиски на владеачката номенклатура.

Тоа значи дека изостанува или поточно воопшто не постои сериозна издржана аграрна политика. Истата е сведена и тогаш, како и денес на дневни потреби.

Денес преку распродажба на земјоделското земјиште за обезбедување на финансиски средства за крпење на Буџетот, без оглед на штетните и несогледиви последици за македонскиот аграр.

Во оваа прилика, јавноста има можност повторно да заклучи дека актуелната власт воопшто не полага ниту основно внимание на државните интереси, ниту е во состојба, ниту сака, ниту може и конечно ниту има капацитет да спроведе издржана земјишна политика, како составен дел од земјоделските политики, од која интерес ќе има вкупното македонско земјоделство.

Во земјоделството три нешта или елементи се носечки: земјата, семето и водата!

Владата веќе на првиот елемент паѓа на испитот за одговорно управување со зејоделското земјиште. Овој факт говори многу, затоа пошироките елеборации за важноста на земјишната политика би биле излишни затоа што тие ниту власта сака да ги слушне, ниту сака да ги разбере и најмалку да ги прифати, без оглед што се сведени на најдобронамерни укажувања и реакци.

Во случајов останува сериозната загриженост кај земјоделските производители, но и кај пошироката македонска јавност.

Затоа директно ќе говорам за штетните последици од евентуалното спроведување на предложениот закон и воопшто немам намера да навлегувам во материјална анализа на неговата соддржина затоа што истиот го сметам за нерационален и крајно штетен на среднорочен и долгорочен период.

Своевремено еден од елементите кои одеа во прилог во носење на првичната одлука за изготвување на законско решение за продажба на државното земјоделско земјиште, беше воспоставената пракса за тргување, односно негова купопродажба уште од времето на бившата Федеративна држава.

Имено, во тогашната Социјалистичка Република Македонија, над 60% проценти од вкупното земјоделско земјиште беше во приватна сопственост и за него беше воспоставена пракса на пазарна купопродажба. За разлика од останатите држави на тогашниот источниот блок (а покасно членки на ЕУ) каде што земјоделското земјиште беше во 100% сопственост на државата.

Значи тие пазарни механизми за купопродажба на земјоделското земјиште не им беа непознати на македонските земјоделци. Меѓутоа при самото спроведување, по само три огласи за конкретна продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, а во согласност со закон предвидените годишни Програми, се појави клучниот проблем во недоволоната финансиска подготвеност на индивидуалните македонски земјоделци, односно нивната несолветност да можат да ги прифатат понудените пазарни цени за поголеми земјоделски површини.

Сметам дека во овие услови, доколку навистина владата е искрена во намерата за привлекување на инвестиции, домашни или странски, во земјоделството тоа може да го реализира по пат на издавање на земјоделското земјиште во државна сопственост по пат на долгорочна концесија. Секако врз основа на издржани бизнис планови, при што тоа подеднакво ќе даде сигурност во вложениот капитал.

За крајно негативен пример со продажбата на државното земјоделско земјиште може да послужи Украниа. Тамошната влада реализира крупна продажба на огромни пространства земјоделско земјиште на странски компании кои целото земјоделско производство го насочија во задоволување на нивните домашни пазари, но не и за потребите на украинскиот пазар. Таму земјштето се сведе на просто производство на земјоделски култури наменети за туѓ пазар, а очекуваното или посакуваното пренесување на нови технолигии или добри земјоделски практики изостана. Но, истовремено државата остана и без добар дел од природниот ресурс кој е општо добро и кој е сопственост на сите граѓани. Финансиските ефекти од продажбата за краток период исчезнаа, а граѓаните останаа и без средства и без земја?!

Нешто слично ќе се случи и во Република Македонија.

Ќе го земам примерот со Република Словенија каде што и во Уставот е наведено дека е забранета продажбата на државното земјоделско земјиште во длабочина од најмалку 25 километри од граничната линија, со што се штитат пошироките национални, државни и безбедносни интереси на словенечката држава и граѓаните, но и самото словенечко земјоделство.

Дали е потребно да се направи паралела со земјоделското земјиште во Пелагонија на пример, каде што во блоковски целини за среќа се сочувани повеќе од 25 илјади хектари.

Кој би ја купил таа земја, евентуално странска компанија, колку таа би водела сметка за интересите на државата и впрочем колку државата би била во состојба да влијае врз производството на земјоделска површина која повеќе не е во нејзина сопственост?

Сето тоа отвара дилеми во идното спроведување на земјоделските политики од страна на институциите.

Истовремено, бројни се примерите во високо развиените земјоделски држави каде што при продажбата на земјоделското земјиште особено се води сметка тоа да биде продадено на лица кои се со постојано жителство од 30 години, па и повеќе, во матичната држава.

Дали тоа е предвидено со предложениот закон?

Секако дека не, затоа што владата е очигледно незаинтересирана за последиците кои ќе се појават.

Продажбата на земјоделското земјиште во државна сопственост не смее и неможе да се сведе на обичен земјишен супермаркет каде што било кој може да се појави и да купи одредена земјоделска површина, затоа што постојат многу причини да се внимава на управувањето со него.

Доколку владата е неспособна или незаинтересирана да управува со земјоделското земјиште во државна сопственост, тоа вопшто не и дава за право истото да го продава или во случајов како што е конципиран закон во буквална смисла да го распродава.

Која е можноста на владата во следниот период откако евентуално би ги „продала“ предвидените 50 илјади хектари земјоделско земјиште правилно да носи земјоделски политики и дали ќе биде во состојба истите да ги спроведува.

Ќе напоменам дека во изминатиот период од страна на претходната влада беа реализирани два исклучително важни проекти за македонското земјоделство. Тие се однесуваат во обезбедувањето на услови за носење на издржани и правилни земјоделски политики.

Станува збор за ортофото снимањето на земјоделската површина, односно изработката на земјишниот катастар. Ова е драгоцена алатка не само за ресорното министерство туку воопшто за македонската држава затоа што соддржи прецизни податоци, со висока точност, за сите земјоделски парцели во Македонија.

Овие податоци се од суштинско значење во реализацијата на проектот за консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште, за што е донесена и Национална програма од 2012 до 2020 година. Своевидна база на податоци која е од драгоцена корист и за Агенцијата за катастар.

Вториот проект се однесува на изработката на Педолошката карта на земјоделското земјиште во Република Македонјија. Надлежните институции располагаат со детален преглед на составот на земјоделското земјиште на целата територија на државата. Тоа за нив претставува многу важен индикатор во креирањето на политиката за финансиска поддршка во земјоделството, односно во креирањето на мерките за производство на одредена земјоделска култура на површини на кои, според составот на материи во почвата, е најсоодветно производството на одредена земјоделска култура.

Тоа значи дека врз основа на составот на почвата ќе може да се очекува и оптимално производство со реално зголемен принос по единица површина за било која земјоделска култура.

Допонително со примената на добрата земјоделска пракса и воведувањето на нови производни технологии ќе се обезбеди и зголемен приход за индивидуалните земјоделски стопанства.

Овие податоци се клучни во спроведувањето на новите аграрни политики, особено во насочувањето на политиките за финансиска поддршка во земјоделството, поттикнувањето и стимулирањето на производството на одредени земјоделски култури. Нужно е владата да размислува во тој правец.

Сакам да ја потенцирам одговорноста на владата и институциите во креирањето на вкупните земјоделски политики, тие мораат да бидат темелени на издржани податоци добиени во директна соработка со науката, но и во соработка со непосредните индивидуални земјоделски производители, односно со сите форми на земјоделско здружување.

Мора да се има големата слика за земјоделството, која е целта и како на најбрз и едноставен начин да се дојде до неа.

Со еднострана продажба на земјиштетот секако дека не е можно.

Истовремено, врз основа на податоците од ортофото базата и педолошката карта за квалитетот на почвата, за земјоделското производство и за видот на земјоделските култури на поедоставен начин ќе може да се носат и планови за реконструкција, рехабилитација и проширување на хидромелиоративните системи и зголемување на нивната ефикасност во наводнување и одводнување на земјоделските обработливи површини.

Претходната влада донесе посебна 10 годишна програма за зголемување на ефикасноста на каналскиот систем, со обезбедени извори за финансисрање од 200 милиони евра и со прецизни годишни активности, која за жал од актуелната влада ни за 1 метар не е реалзирана.

Ова дополнително дава ново светло за потребните аграрни чекори кои институциите мораат да ги имат во предвид и да се раководат според нив, односно самата потреба од продажба на земјоделското земјиште да биде подредено на основните земјоделски политики и конечно на интересот на државата и граѓаните.

Не 25% од вкупното државно земјоделско земјиште туку продажба и на само 25 хектари ќе го пореметат спроведувањето на земјишната политика!

Сето горенаведено е потребно, всушност задолжително да се има во предвид пред да се поднесе несреќното законско решение за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.
Меѓутоа владата со сигурност на ништо од посоченото не внимавала, раководејќи се од желбата за брзо полнење на празниот буџет за кој, по ниту било која цена не смее да наоѓа извор во продажбата или распродажбата на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Конечно, земјоделското земјиште е ограничен природен ресурс.

Дали сме во состојба да го прошириме и да ги искомпензираме површините кои сме ги продале?

Дали може да ни се гарантира дека со неговата продажба истото ќе биде подредено на земјоделската политика на Македонија, дали сме сигурни каде ќе се потрошат финансиските средства од неговата брза продажба?

И конечно, дали Македонија и македонските граѓани навистина ќе имаат полза од неговата продажба?

Одговорот на поставените прашања е негативен, заедно со заклучокот за уште една нова, во случајов земјоделска непромисленост на актуелната влада.

А секако дека има уште многу други отворени сомневања за вистинските мотиви од оваа „авантура“, но за тоа во друга прилика.

Завршувам таму каде што почнав: кој ја има во сопственост земјоделската земја, тој е сопственик и на Државата!