Мишко Ралев избра друга опција

СДСМ пред две недели, најави имиња за потенцијалните кандидати за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори. Во внатрепартиската постапка биле разгледувани повеќе имиња, меѓу кои архитектот Мишко Ралев и поранешната министерка Каја Шукова, како и уште две други личности.

„Даваме сè од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да ги увериме граѓаните дека нашите кандидати имаат кредибилитет и дека ќе работат чесно и транспарентно. На скопјани сакам да им порачам дека предлогот ќе биде човек што ќе обединува“, изјави Филипче.

Според информациите на ТВ 24, името на Мишко Ралев се спомнувало како најпосакуван избор за кандидат за градоначалник на Скопје од страна на СДСМ, но тој денеска исбра друга опција – како дел од тимот на Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.

Орце Ѓорѓиевски: Ралев е сериозно засилување за визијата за Скопје

„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас. Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи, објавувајќи фотографија од средба со професорот.

Ралев е декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје и поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Во времето на Димитар Ковачевски како партиски лидер, тој беше член на Извршниот одбор на СДСМ.

СДСМ се одлучи за Каја Шукова

СДСМ во Скопје ќе настапи со Каја Шукова, потпретседателка на партијата и поранешна министерка за животна средина и просторно планирање. Шукова ќе биде официјалниот кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.