За истите средства ќе бидат опфатени илјадници повеќе пациентки во програмата за рано откривање на рак на грлото на матката

Фондот за здравствено осигурување на Македонија донесе одлука за намалување на референтните цени на ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата, со што значително се зголемува бројот на достапни тестирања во рамките на програмата за рано откривање на рак на грлото на матката.

Со новата одлука, цената на ХПВ генотипизацијата се намалува од 5.500 на 3.310 денари, што претставува намалување од 39,8 проценти. Партиципацијата за пациентките исто така се намалува од 550 на 350 денари.

Кај ликвид ПАП цитологијата, референтната цена се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Цената на конвенционалниот ПАП тест останува непроменета и изнесува 600 денари.

Од ФЗОМ информираат дека ревизијата на цените е направена врз основа на реално фактурираните услуги во текот на 2025 година.

Значително зголемување на бројот на тестирања

Според анализите на Фондот, со задржување на истото ниво на финансирање ќе може да се обезбедат многу повеќе тестирања.

„Анализата покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува и тоа ХПВ тестирање од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2%) и ликвид ПАП цитологија: од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76,0%), велат од ФЗОМ.“

Ова значи дека со истите финансиски средства ќе може да бидат опфатени значително повеќе жени со превентивни прегледи, вклучително и пациентки кои досега поради финансиски причини не се одлучувале за ваков вид тестирања.

Од Фондот потсетуваат дека ракот на грлото на матката е заболување кое може успешно да се превенира и лекува доколку се открие навреме, а ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг се клучни алатки за навремено откривање на преканцерозни промени и рак во рана фаза.

Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски, истакна дека целта е поефикасно користење на средствата и подобрување на достапноста на здравствените услуги.

„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува еден од нашите приоритети“, истакна Клековски.

Промени и во Шифарникот на лекови

Клековски информираше и за измени во Шифарникот на лекови кои се однесуваат на препаратите со активна супстанција топирамат, што се користат за лекување епилепсија и други невролошки состојби.

По барање на носителите на одобрение за ставање во промет, од Шифарникот на лекови од 1 мај 2026 година се избришани лековите „EPIRAMAT“ од производителот „PLIVA“ и „TIRAMAT“ од производителот „BELUPO“.

„Со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата за осигурениците, во новиот шифарник, што е во подготовка, ќе биде вклучен лекот TIRAMAT (25 mg, 50 mg и 100 mg), производител FARMAVITA, обезбеден преку интервентен увоз. Со ова се обезбедува континуитет во лекувањето и непречен пристап до терапијата за пациентите кои го користат овој лек, велат од ФЗОМ.“