Танкер што пловел во Ормутскиот теснец бил погоден од „непознат проектил“, соопшти британската Агенција за поморски трговски операции (UKMTO). Во нападот е оштетен моторот на бродот, но нема повредени членови на екипажот, ниту е регистрирана еколошка штета.

Според информациите на UKMTO, инцидентот се случил на околу 20 километри североисточно од оманскиот град Лима.

Ормутскиот теснец е еден од најважните светски поморски коридори, а Иран бара бродовите да пловат по рутата што минува покрај неговиот брег, тврдејќи дека единствено трасата определена од Техеран е безбедна.

Спорот околу пловидбата низ овој стратешки воден пат, преку кој се транспортираат големи количества нафта, природен гас и ѓубриво, во последниот период стана едно од главните жаришта на тензиите меѓу САД и Иран.