СДСМ немаат ништо за фалење, затоа напаѓаат – Мицкоски на народен митинг во Јегуновце

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот народен митинг во Јегуновце истакна дека Филипче и СДСМ, немаат ништо за фалење. Затоа ја напаѓаат власта и конструктивните проекти. Тој истакна дека овие локални избори имаат државно значење. Тие исто така претставуваат порака до граѓаните за тоа каква Македонија сакаме да имаме.

„Овие локални избори не се само за нови патчиња, улици или градинки, туку за тоа да се покаже политичка поука и да се трасира патот во годините кои следат. Сакаме да испратиме порака до опозицијата да извлече поука од грешките и да не ги повторува во иднина“, рече Мицкоски. Тој додаде дека потребна е конструктивна опозиција со која ќе се натпреваруваат преку идеи, аргументи и програма, наместо со црна кампања.

Мицкоски оцени дека нападите врз власта се резултат на тоа што СДСМ нема позитивни резултати за покажување.

„Тие седум години единствено нешто што успешно го работеа беше креирање хаос, криминал и обиди за национално распродавање. Срамот што го нанесоа на македонскиот народ и Македонија како држава ќе ги следи до крајот на нивните животи“, нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека овие избори се финална битка за иднината на државата и дека победата ќе биде за народот и за Македонија.