До есен 2027 година треба да започнат градежните работи за доизградба на Клиничката болница во Штип-најави денеска по посетата на Клиничка болница-Штип, министерот за здравство Сашо Клековски. Тој истакна дека до крајот на годинава очекува да се финализираат разговорите со Светската банка и Европската инвестициска банка и да се склучи договорот за проектот. По ова, ќе следува тендерска постапка за избор на изведувач, за која се предвидуваат од три до шест месеци.
-Поминавме втор круг на разговори со Светската банка и Европската инвестициска банка. Очекуваме дека разговорите ќе финализираат околу крајот на оваа година со склучување на договр меѓу Македонија и Светска банка, Европска инвестициска банка и дека потоа ќе пристапиме кон спроведување на тендер за довршување на Клиничка болница- Штип. Очекувањата се дека ќе бидат потребни три до шест месеци за тенедерот. Тоа би значело летото, есента 2027 година ние би почнале да работиме на оваа болница-изјави Клековски.
Тој додаде дека постојано е во комуникација со сите надлежните во Општината, Болницата, за овој процес да го води поефикасно.
-Постои комплетна посветеност овој споменик на неспособноста да го решиме и покажеме дека Македонија може- вели Клековски.
Условите во кои што се примаат пациентите и во кои работат лекарите во болницата во Штип се лоши, оцени Клековски. Но, според него тоа мора да биде мотив за конечно да се реши прашањето со оваа болница, која опслужува над 200.000 пациенти од Источниот и Југоисточниот Регион.
Прашан кога ќе се реконструира оштетениот кров на болницата, по силното невреме што го зафати Штип пред неколку месеци, Клековски одговори дека изведувач е избран, има жалба во одност на надзорот.
-Изведувач е избран, има жалба во однос на надзорот на објектот, штом тоа се разреши ќе биде спремно за започнување на работите-вели Клековски
