„Ние со предлогот уредуваме во кои услови и во кои околности посвоените лица ќе имаат право да добијат информации за своето потекло. Зошто го направивме ова? Со децении, тајност на посвојувањето претставува пречка за пристап до сите информации, дури и кога истите се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот“, велат од Движењето ЗНАМ.
Оттаму нагласуваат дека постојниот закон не предвидува никаков механизам за индивидуална проценка, ниту пак можност институциите да ги разгледаат специфичните околности на секој случај. Потврда за сегашниот проблем во законот, како што велат, имаме и од Европскиот суд за човекови права.
„Во пресудата ‘Митревска против Македонија’ од 2024 година, Судот утврди повреда затоа што ѝ бил целосно ограничен пристапот до информации кои ѝ биле потребни заради нејзината здравствена состојба. Да бидеме прецизни, нашата држава има обврска да постапи по пресудата на Стразбур и да ги почитуваме европските стандарди и заштитата на човековите права загарантирани со Конвенцијата. Со предложените измени ние не ја укинуваме тајноста на посвојувањето и не предлагаме пристап до сите податоци. Тајноста останува правило, а пристапот до информации се предвидува само во законски утврдена постапка и со одлука на стручна комисија, која ќе мора да ги оцени сите околности на секој поединечен случај и ќе ги штити правата на сите засегнати лица.
Нагласуваме дека ова не е конечен текст на закон, туку предлог со кој иницираме суштинска стручна и општествена дебата.
Затоа ние како пратеници на Движењето ЗНАМ за наша Македонија повикуваме на широка јавна и стручна расправа за предложените измени и ги повикуваме сите експертите, граѓанските организации, академската заедница, надлежните институции и сите заинтересирани граѓани да се вклучат со свои забелешки и предлози.
Нашиот принцип не е да предложиме законски измени подготвени зад затворени врати, без да го чуеме мислењето на сите. За ваквиот принцип на транспарентно и отчетно носење на законите ќе се залагаме и понатака во нашето работење.
Затоа што законски решенија треба да бидат донесени низ отворен дијалог со сите релевантни чинители и почитувањето на меѓународни стандарди.
Движењето ЗНАМ формирано од граѓаните уште од самиот почеток вети дека ќе работи со граѓаните, за граѓаните и исклучиво водејќи сметка за нивните потреби интереси и барања. Транспарентно и отчетно од почеток крај“, велат од Движење ЗНАМ.
