Уште една банка се приклучи кон шемата за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА)  со што се заокружи процесот на влез на целокупниот банкарски сектор од домашната економија во оваа платежна шема.

Вклучувањето на сите банки во шемата за кредитни трансфери на СЕПА претставува значаен чекор во натамошната интеграција на домашниот платен систем во европскиот платен простор и придонесува за унапредување на ефикасноста, брзината и транспарентноста на прекуграничните плаќања за граѓаните и за компаниите.

Со целосното вклучување на банкарскиот сектор во шемата за кредитни трансфери на СЕПА се овозможува поширока достапност на овие услуги за граѓаните и компаниите, како и зголемена конкуренција и понуда на платежни услуги на домашниот пазар. Ова општо придонесува за намалување на надоместоците и подобрување на транспарентноста при извршувањето на прекуграничните плаќања, особено за компаниите коишто активно тргуваат со земјите од Европската Унија и со другите земји членки на СЕПА.

Народната банка, во соработка со банките и со другите учесници на пазарот, и натаму активно ќе работи на унапредување на платежната инфраструктура и на понатамошно усогласување со европските платежни стандарди. Во наредниот период ќе продолжат активностите насочени кон натамошно проширување на учеството на домашните институции во останатите шеми на СЕПА, заради обезбедување сигурни, ефикасни и современи платежни услуги за граѓаните и за компаниите.