Советот на Народната банка на вчерашната седница го усвоила најновиот Квартален извештај

 

Советот на Народната банка на вчерашната седница го усвоила најновиот Квартален извештај, кој потврдува дека економијата се движи во рамките на предвидените проекции со стабилни макроекономски показатели.

Според податоците од извештајот за кои информираат од Народна банка, годишната стапка на инфлација во последниот квартал од 2025 година изнесувала 4,2 отсто, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата, пак, за целата 2025 година, во просек, изнесувала 4,1 отсто, што е близу до октомвриските согледувања.

За 2026 година се предвидува натамошно смирување на инфлацијата и враќање кон историскиот просек, иако ризиците од светските берзи и геополитичките тензии и понатаму постојат.

Според извештајот, во третиот квартал од 2025 година, БДП пораснал за 3,8 отсто, што е повеќе од првичните проекции. Според основното сценарио од октомври, се очекува забрзување на економскиот раст, кој оваа година би достигнaл четири отсто.

„Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економска активност умерено забрза“,се вели во информацијата од Народна банка.

На крајот на 2025 година, од Народна банка велат дека нивото на девизните резерви достигнало 4 920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели е гаранција за стабилноста на денарот.

Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесувал 13 проценти, при годишен раст и на депозитите од 10 отсто, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.

Од Народната банка велат дека се воведени и промени во оперативниот инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Со измените, како што додаваат, се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.