Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, вчера на прес-конференцијата во Скопје со неговиот домаќин вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров порача дека земјата постигна голем напредок, и легитимно е да очекува ЕУ да ги исполни ветувањата, а по неуспехот за време на германското претседателство Унијата да ги започне преговорите со Македонија и Албанија, сега работат со португалското претседателство со Советот на ЕУ тоа да може да успее.

-Останувам оптимист дека ќе успееме во тоа. Она што ни е потребна сега е свест за одговорност, храброст, сега ни е потребно да се држиме заедно и за мене тоа е повеќе од само ветување. Благодарен сум на нашите пријатели овде во Владата, но и во Бугарија дека сега имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение кое може да биде прифатено од сите засегнати страни. Португалското претседателство со Советот активно работи на едно вакво решение, а ние во сојузната Влада во Берлин го поддржуваме тоа онаму каде што можеме. Се надевам дека ќе го имате неопходното трпение бидејќи важни се и реформите, рече Рот.

На прашањето што се сменило за сега да биде голем оптимист дека ќе има решение тој рече дека сега на сите им е јасно дека се потребни веродостојни успеси за Западен Балкан.

-Мислам дека на сите ни е јасно дека потребни ни се веродостојни успеси на Западен Балкан, не затоа што е во ваш интерес туку и во наш интерес е да има стабилност, регионално помирување, безбедност, демократија. Тоа е од исклучително значење за ЕУ, не само за Германија, порача Рот.

Според Димитров, добар сигнал во насока на очекувањата за деблокада на преговорите со ЕУ е средбата и заедничкото патување на претседателите Пендаровски и Радев во Рим, но вели, не треба да ги поткреваме очекувањата.

-На сите ни е јасно денес колку голем е влогот. Истовремено имам предизвик од една страна да се менаџира со очекувањата, бидејќи неколку пати веќе имаме зборувано и во јуни 2018 и во јуни 2019 и во октомври 2019 и во март минатата година, кога беше дадено зеленото светло, но наше е да не дигаме раце да се обидеме без при тоа да созададеме некакви преголеми очекувања. Мислам дека треба да работиме на резултат, а не на подигнување на очекувањата. Тоа што двајцата претседатели Пендаровски и Радев се заедно во Рим е јасен сигнал дека се возобновува дијалогот и мислам дека македонско-бугарското пријателство и заедничка европска иднина треба да ја искористи оваа шанса, рече Димитров.

За Димитров можно е решение со Бугарија ако на проблемот се пријде со добра волја од двете страни. Според него, чуда се можни, и се надева дека оваа можност што се наѕира ќе ја искористиме, но вели се не зависи од нас, туку потребен е сличен приод и од другата страна.

На средбата на германскиот државен министер за Европа Рот со премиерот Зоран Заев, било пренесено дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство, се вели во соопштението од Владата. Премиерот Заев, пак, се наведува, му се заблагодари на министерот Рот за сите напори коишто ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на португалското претседателство.

-Северна Македонија е редок европски пример како низ соживот и јакнење на демократските капацитети, а притоа решавајќи ги и отворените прашања со соседите, прави темелни реформи за доброто на граѓаните и на нашата држава, но и во поширок контекст за граѓаните на Западен Балкан. Ќе продолжиме со конструктивните политики, со почитување и унапредување на односите со нашите соседи, рече премиерот Заев.

Инаку, за предлогот од португалското претседателство со Советот на ЕУ кој од наша страна беше оценет како добра основа за конечно решение, според претседателот Стево Пендаровски, добро е што португалскиот предлог не го отфрли ниту Софија

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев и претходно другите контакти со него, неспорна е една работа, претседателот Радев зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите, рече шефот на државата Пендаровски по билатералната средба во Рим со неговиот италијански колега Серџо Матарела, одговарајќи на новинарски прашања.

Пендаровски информираше дека во нон пејперот Португалците предлагаат дека треба да постои роуд меп или патоказ, со тоа што тие предлагаат овој пат патоказот да биде имплементиран и надгледуван во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација, а не во рамки на ЕК. Тука, вели, се разликуваме со нашите позиции, изјави Пендаровски и додаде оти смета дека тоа треба да остане во рамки на ЕК.

Во португалскиот предлог, појасни, постои друг детал што се однесува на истата работа.

– Има европски држави кои би биле заинтересирани да контрибуираат во Комисијата составена од историчари. Не како формални членови, како луѓе кои можеби би давале совети во однос на методологијата за работа. Отприлика ние ги знаеме кои земји би можеле да бидат, меѓутоа, ставот е ако воопшто двете страни се согласат да се приклучат такви луѓе на Комисијата, тоа мора да биде со согласност на двете страни. Тоа мора да бидат меѓународни експерти, можеме да се договориме и од која држава и конкретно по име и презиме, појаснува Пендаровски.

Американската амбасадорка, Кејт Брнз вчера твитна во врска со заедничкото патување и заедничките активности на претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев во Рим по повод чествувувањето на свети Кирил и Методиј.

-Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ, напиша Брнз на Твитер

Радев, кој ја предводи бугарската делегација, вчера околу пладне слета со бугарскиот државен авион на Меѓународниот аеродром – Скопје, за да ја земе македонската делегација, предводена од Пендаровски и заедно потоа се упатија кон Рим. Пендаровски и Радев заедничкото патуваење за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј во кусата изјава на скопскиот аеродром го оценија како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство.

Европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 оцени дека ќе биде потребно време да се реши проблемот меѓу Македонија и Бугарија и дека ќе треба „подобро да се запознаеме“. Европратеникот смета и дека не треба да се очекува земјава да ги почне преговорите за членство во ЕУ во јуни, со оглед на случувањата во Бугарија и немањето политичка влада.

– Ако гледаме на тоа како статичен феномен, односно бараме одреден датум кога Гордиевиот јазол би се разврзал, тогаш веројатно нема да најдеме датум, колку и да се обидуваме да го најдеме. За мене големиот разговор е како може да се создаде позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована на убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската унија заедно, додаде Ќучук.