Најуспешните наставници и училишта по 9-месечната обука за вештачка интелигенција добија сертификати. Министерството за образование и наука ги спроведе обуките во соработка со Brainster Next.

Ви честитам за трудот и за посветеноста да научите нешто ново и тоа знаење да им го пренесете на вашите ученици. Да им помогнете да ја користат вештачката интелигенција правилно, одговорно и за вистински цели. А десетмина меѓу вас отидоа и чекор понатаму и денес се наши образовни амбасадори за вештачка интелигенција“, рече министерката Весна Јаневска на доделувањето на признанијата.

Посочувајќи дека вештачката интелигенција отвора огромни можности, но со себе носи и опасности, Јаневска додаде дека знаењето е единствена заштита и затоа, заедно со Brainster Next и неколку други високообразовни установи, се спроведоа обуки на наставниците.

На наставниците им е потребно знаење со кое ќе ја унапредат сопствената работа и ќе ги водат учениците низ можностите и предизвиците што ги отвора вештачката интелигенција. Благодарност до тимот од Brainster Next што ги научи како да ја употребуваат за да бидат покреативни и да внесат новини во наставата. За наставниците е важно стекнатото знаење да го споделуваат со колегите, но и да продолжат да го надградуваат“, укажа Јаневска.

Вештачката интелигенција веќе го менува образованието, и тоа е реалност што не можеме да ја игнорираме, рече министерката, нагласувајќи ја потребата од подготвени наставници, кои ќе можат да им помогнат на учениците правилно да ја разберат и користат вештачката интелигенција, без притоа да го изгубат критичкото размислување, креативноста и, што е многу важно, да ја употребуваат етички, одговорно и со разбирање.

Учениците треба да ја владеат технологијата, но истовремено да размислуваат како да ја применат, да се научат да ги проверуваат информациите и воопшто, мудро да ги користат сите дигитални алатки“, напомена Јаневска.

Министерството за образование и наука ќе продолжи со активностите насочени кон интегрирање на современите технолошки текови во воспитно-образовниот процес, во кој наставниците се тие кои ги употребуваат за поквалитетно образование.